Потенцијалната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега, Володимир Зеленски, заради потпишување договор за решавање на актуелната ситуација, ќе зависи од модалитетите на документот што допрва треба да биде усогласен, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
– Сè ќе зависи од модалитетите на документот, за што допрва треба да се договориме, појасни Песков на прес конференција.
Советникот на украинскиот претседател, Михаил Подољак, претходно истакна дека состанокот меѓу Путин и Зеленски, може да се организира откако ќе заврши изработката на документот, потсети руската агенција ТАСС.
Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, денеска изјави дека шефот на државата, Володимир Зеленски, е подготвен за средба со неговиот руски колега Владимир Путин.
-Доколку рускиот лидер покаже подготвеност, тие можат да се сретнат уште утре, задутре, буквално. Зеленски е подготвен за таа средба. Неговиот став е јасен, формиран за сите прашања и Украина е подготвена за овие преговори, изјави Кулеба за весникот „Украинска правда“.
Тој додаде дека многу земји нудат, или се натпреваруваат, да бидат домаќини на овој состанок.