Украина „ги максимизира напорите да ги спречи руските планови против Харков“, рече нејзиниот претседател Володимир Зеленски додека украинската војска ја зајакна заштитата на вториот по големина град во земјата, за кој се верува дека е цел на следната руска офанзива.
„Работиме со нашите партнери на зајакнување на воздушната одбрана“, рече Зеленски во своето секојдневно обраќање во понеделникот вечерта.
Претходно, Зеленски се состана со раководството на армијата во Киев за да се договорат мерките за заштита на Харков, североисточниот град кој беше под постојан оган од руските воздушни напади во изминатиот период.
„Главна тема беше Харков, одбраната на тој град од руските напади и можноста за зајакнување на нашата воздушна одбрана и електронското оружје“ во регионот, напиша украинскиот претседател на апликацијата Телеграм.
Украинската војска верува дека Харков би можел да биде цел на следната голема руска офанзива.
Фото: МИА архива