Украинскиот претседател Володимир Зеленски имаше одвоени телефонски разговори со германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел за безбедносната ситуација на границата со Русија.

Меркел и Зеленски се согласија за поддршка на меѓународната заедница, како и да ги задржат санкциите за ограничување на заканите од Русија, се вели во соопштението на украинското претседателство.

Страните ја истакнаа важноста од продолжување на напорите на форматот Нормандија, се додава.

Претходно во четвртокот Меркел ја предупреди Русија поради распоредувањето претерано голема воена сила во близина на границата со Украина.

На прес-конференцијата со полскиот премиер Матеуш Моравјецки, германската канцеларка во заминување рече дека земјите-членки на Европската унија се обединети и ќе направат се за да спречат нови провокации.

Во разговорот со Зеленски, Шарл Мишел ја споделил содржината на неговиот дијалог со рускиот претседател Владимир Путин од средата.

Мишел рече дека воспоставувањето контакт меѓу земјите со учество на ЕУ може да помогне во ублажувањето на кризата, се вели во соопштението на Украина.

Мишел на Твитер напиша дека на Зеленски му ја изразил целосната поддршка на ЕУ за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

– Безбедноста на Европа е можна само со безбедна Украина, додаде тој.

Неколку медиуми јавија дека американската администрација официјално ги предупредила своите европски сојузници дека Русија може да планира нова инвазија на Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги негираше обвинувањата.

– Постојано изјавуваме на различни нивоа дека Русија нема намера да нападне никого и нема агресивни планови, изјави Песков на брифинг во Москва.