Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека прибегнува кон „енергетски тероризам“, затоа што руските трупи покажуваат мал успех на бојното поле.

Како што изјави Зеленски, без струја останаа 4,5 милиони луѓе во Украина, по руските напади на енергетската мрежа, јави Би-би-си.

– Вечерва околу 4,5 милиони потрошувачи беа привремено исклучени од напојувањето со електрична енергија, појасни Зеленски во синоќешното обраќање до јавноста.

Според неговото мислење, тоа што руските сили ја гаѓаат енергетската инфраструктура е знак на слабост, бидејќи не успеваат да постигнат поголем напредок на линијата на фронтот.

Изминатите недели Русија ги засили нападите врз електроенергетската инфраструктура на Украина.

Украинските власти воведоа рестрикции во снабдувањето со електрична енергија и апелираа граѓаните да штедат струја.