Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека руските ракетни напади врз Украина биле порака дека не е во интерес на Москва да се стави крај на војната.

Во своето ноќно обраќање, Зеленски рече дека биле лансирани вкупно 90 проектили кои ја оштетиле енергетската инфраструктура, како и комерцијалните и станбените згради.

„А кога се случи тоа? Штом заврши првиот ден од самитот на Г20 во Индонезија“, рече тој, подоцна нарекувајќи го настанот „Г19“.

„На Русија и се зборува за мир, но таа истрелува проектили како одговор. Се зборува за глобални кризи предизвикани од Русија, а како одговор лансира ирански беспилотни летала. Им се нудат десет опции за завршување на војната, а таа истрела десетици проектили“, додаде тој.

Зеленски рече дека нападите доведоа до прекин на струјата низ целата земја, вклучувајќи ги и регионите Киев, Лавов, Харков и Житомир. „Ова е одговорот на Русија на Индонезија, Индија, Кина и сите други земји кои зборуваа за потребата да се стави крај на војната. Русија му кажува на светот дека сака да продолжи. Сега е време светот да одговори“, рече Зеленски.

Тој додаде дека биле соборени повеќе од 70 проектили и 10 борбени дронови, заблагодарувајќи им се на „сите партнери кои помагаат да се заштити небото“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров беше на Бали како претставник на неговата земја на Г20, но вчера рано вечерта пред руското бомбардирање ја напушти средбата.