Посетата на премиерите на Полска, Чешка и Словенија, кои денеска пристигнаа во Киев, е силен гест на поддршка што ја почитуваме, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ги информираше лидерите на овие земји за актуелните настани во војната со Русија по инвазијата на неговата земја на 24 февруари.
Премиерите Матеуш Моравјецки, Петер Фиала и Јанез Јанша, кои во главниот град на Украина пристигнаа со воз, се првите странски лидери кои го посетија Киев од почетокот на руската инвазија.
– Вашата посета на Киев во овој тежок момент е силен знак за поддршка на Украина. Ние навистина го почитуваме тоа, наведе Зеленски во објава на Интернет.
На кратко видео објавено од неговата канцеларија се гледа како Зеленски разговара со Моравјецки, Фиала и Јанша, а на разговорите присуствува и полскиот вицепремиер Јарослав Качински.
– Овде во разорениот Киев се создава историја. Овде слободата се бори против светот на тиранијата. Овде иднината на сите нас виси на конец. ЕУ ја поддржува Украина, која може да смета на помошта од своите пријатели, оваа порака денеска ја донесовме во Киев“, напиша Моравјецки на Твитер.
Украинскиот премиер Денис Шмигал ја поздрави, како што рече, „храброста на вистинските пријатели“ и објави дека со лидерите на ЕУ земјите ќе разговара за поддршката на Украина и дополнителни санкции против Русија.
Претходно, портпаролот на полската влада во Варшава изјави дека посетата на тројцата државници била договорена на минатонеделниот самит на ЕУ во Версај, Франција.
Како што е потврдено, се било координирано со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Целта на посетата е јасно да се покаже поддршката на Европската унија за Украина и нејзината слобода и независност, напиша чешкиот премиер Фијала на Твитер.