Со жив штит оризопроизводителите од Кочанско утринава го блокираа патот Штип-Кочани. Врз асфалтот истурајќи вреќа оризова арпа, симболично покажаа каде завршува нивниот труд, се вели во прилогото на ТВ АЛФА.

Револтот кај оризопроизводителуте стана уште поголем откако не добија никаков абер од министерот и премиерот. Првично  беше блокирана едната коловозна лента, но потоа самоиницијативно ја блокираа и другата. Се пропуштаа само возила на брза помош. Бараат власта да си ги исполни ветувањата.

„Ние си ја браме цената што ни ја ветија! Еве за медиумите нека видат, живот за сите… во 2017 рекоа дека оризовата арпа ќе биде 25 денари па нагоре, а оризот 50 денари. Од тоа нема ништо, оризовата арпа се продава по 17денари – изјави Здравко Арсов.

-Доколку не дојде до решение, народот сам ќе ја преземе одговорноста. Ке се организира и секојдневно ќе правеме блокади на патиштата – изјави Стојче Ташовски.

Оризопроизводителите се пожалија дека се на работ на егзистенцијата, и одвај преживуваат, не можат да си ги  платат долговите кон државата и аптеките и ќе бидат приморани догодина да ги намалат површините посеани со ориз.

– Ние не сме партиски дојдени. Сите што сме дојдени имаме иста мака. Сега никој нема, а пред избори сега ќе почнат да доаѓат и да не залажуваат со пенкала и запалки – изјави Трајчо Јованов.

– Од врата на врата активисти одеа и вршеа притисок народитот да не излезе  на протест. Добро е што и волку излегоа, луѓето се плашат – изјави Здравко Арсов.

Со протестите продолжуваат утре. Оризопроизводителите се заканија дека нема да излезат на избори, ниту пак да се попишат.