Полските земјоделци се судрија со полицијата која употреби солзавец на денешниот протест пред парламентот во Варшава. Илјадници земјоделци се собраа во полската престолнина, палејќи гуми и фрлајќи пиротехнички средства, барајќи прекин на евтиниот увоз и еколошките регулативи за кои тврдат дека го загрозуваат нивниот бизнис.

„Поради физичката агресија на дел од демонстрантите врз полицајците, неопходно беше да се применат директни мерки на присилба. Однесувањето кое ја загрозува безбедноста на нашите полицајци, вклучително и фрлањето камења кон нив, не може да се сфати лесно и бара цврста решителен одговор“, напиша варшавската полиција на платформата Х.

Од полицијата додаваат дека неколку полицајци се повредени, а десетина лица се уапсени. Сведок на Ројтерс на протестот видел дека полицијата употребила солзавец.

Локалните медиуми објавија снимки од неколку демонстранти кои се обиделе насилно да влезат на територијата на парламентот, пред да бидат спречени од полицијата.


Претходно денеска, дел од демонстрантите носеа, а потоа запалија ковчег со натпис: „земјоделец, живеел 20 години, убиен од зелениот план“.

Демонстрантите ја окупираа улицата пред кабинетот на премиерот и свиреа пред да тргнат кон парламентот. Полската телевизија прикажа снимка од трактори на влезот во Варшава кои го блокираат патот до центарот на градот, како и блокади низ земјата.

Земјоделците ширум Европската унија бараат укинување на ограничувањата од Зелениот план наменет за борба против климатските промени, како и воведување тарифи за увоз на земјоделски производи од Украина, кои беа укинати по руската инвазија.

Ова создава деликатна ситуација за владата на Доналд Туск во година кога ја чекаат локални и европски избори и во која се обидува да одговори на барањата на земјоделците, но и да ја задржи поддршката за Киев, според локалните медиуми.

Туск тврди дека нарушувањата на пазарот не се предизвикани само од производите од Украина, туку и од Русија и Белорусија. Во понеделникот тој најави дека Полска ќе побара од ЕУ да го забрани увозот од тие две земји и ги покани земјоделците на состанок во сабота.