Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, рано утринава во 03 часот и 20 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, 290 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML5.0.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во југоисточните делови од Република Македонија, со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Земјотрес со јачина од 4,8 степени според Рихтер беше регистриран нешто по четири часот утрово на Света Гора со епицентар во морскиот дел на девет километри северозападно од Кареја, јави дописничката на МИА од Атина.
Земјотресот на третиот крак на Халкидики бил почувствуван во поширокиот регион, а не е причинета материјална штета.
Професорот и претседател на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси Ефтимиос Лекас за грчката државна телевизија ЕРТ посочи дека самиот земјотрес не предизвикува загриженост, но од научна гледна точка се загрижени, со оглед на тоа што станува збор за „прилично чуден феномен што опстојува веќе 18 месеци“ и нагласи дека го следат развојот.
– Сеизмичката активност започна на почетокот на 2024 година, досега вклучува над 1.000 земјотреси, од кои девет се поголеми од четири степени според Рихтер. Денешниот е десетти земјотрес со идар од над четири степени според Рихтер. Најголемиот земјотрес беше пред три месеци со јачина од 5,2 степени, објасни Лекас.
Додаде дека станува збор за расед активиран во 2024 година, што уште има енергија, но неговата процена е дека нема да достигне до ниво што е над 5,2 степени.