Четириесет и четиригодишна жена од Кочани со живеалиште во Пробиштип вчера во ОВР Пробиштип пријавила дека нејзината лична карта била злоупотребена за подигање брзи кредити.
Според пријавеното, на Фејсбук таа ја објавила својата трансакциска сметка за уплата на донација за лекување на член на фамилијата, по што порака на социјалната мрежа ѝ пратило лице кое ја побарало личната карта за да направи донација. По кратко време на сметката ѝ биле исплатени 70.000 денари од две финансиски друштва.
Како што соопшти МВР во дневниот Билтен, веднаш потоа ѝ се јавило машко лице кое, претставувајќи се како сопственик на фирма, ја известило дека наводно по грешка ѝ била извршена уплата на нејзината сметка.
Побарало парите да му ги врати, испраќајќи ги по такси возило во Скопје. Таа се посомневала дека е измамена и случајот го пријавила во полиција. Во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за негово расчистување, наведува Министерството за внатрешни работи.