Премиерот Зоран Заев очекува годината да се заврши со раст според предвиденото. Според него, проекциите за првиот и вториот квартал ги даваат условите  да се заврши согласно проектираните проекции од минус четири проценти.

-Уште на почетокот на кризата, рековме дека најпогоден ќе биде вториот квартал. Март, април и мај се со минус 12,7 проценти. Нашата економија 60 проценти е поврзана со европската економија и голем дел од работите не зависат само од нас. Германската економија паѓа многу повеќе од нас, како и другите земји со кои трговски сме поврзани. Но во вториот квартал имаме и раст во неколку гранки како што е земјоделството и неколку други што покажува дека домашниот перформас е добар во вториот квартал и верувам дека ќе се задржиме на севкупниот пад на БДП да биде еден од најслабо погодените во регионот со намалување не повеќе од минус четири проценти во вкупниот раст, изјави Заев, во одговор на новинарско прашање за денеска објавените податоци за раст на БДП во вториот квартал.

Оцени дека падот е исклучително од ковид кризата притоа наведувајќи дека и бројот на невработени не е намален за 100 или 140 илјади и оти последните бројки покажуваат нешто над 12 илјади. Параметрите, истакнува, покажуваат дека добро се справуваме со економските состојби и оти треба да се продолжи со поддршката на македонската економија и компаниите во пребродување на кризата

Потенцира дека за новиот пакет мерки за поддршка ќе нема потреба од задолжување и оти тој ќе биде развиен од постојните ресурси и од веќе преземените кредити.

– Ова е година кога најмногу враќаме кредити. Имаме 1,140 милијарда евра, од кои 540 милиони се вратени, остануват 600 милиони до крајот на годината. Парите се обезбедени и редовно ќе се сервисира долгот. Притоа за новиот пакет мерки немаме потреба од задолжување, секако не земајќи го предвид нератификуваниот договор со Светска банка, кој е за здравството и социјалната заштита кој не сакаше да биде потпишан од дополнителната заменичка за финансии во техничката влада, рече премиерот.

Оцени дека задолженоста на државата доминантно расте заради капиталните инвестиции, појаснувајќи дека преку 600 милиони евра се проектите што ги работат кинеските компании и дека заради задолжување кон Ексим банката државата го евидентира и калкулира тој долг со секоја исплата на ситуација. Тука е гасоводната мрежа која исто се финансира со кредитни линии, како и други инфраструктурни проекти.

Најави дека и натаму ќе се продолжи да се води стабилна економија која ќе има стабилно задолжуање, но, како што рече, дефинитивно задолжувањето нема да биде пречка ако преку тоа треба да ја помогнеме македонската економија.