Треба да направиме македонска национална и државна стратегија и црвени линии од коишто нема да има отстапување кога се во прашање македонските национални и државни интереси. Тоа го прават сите цивилизирани држави во Европа и светот и од тоа ниедна држава не отстапува без разлика која политичка партија доаѓа на власт, изјави професорот по историја на Филозофски факултет Никола Жежов, на „Што не јасно“ на Алфа телевизија.

Жежов вика дека неразбирливо е зошто е тешко да се соберат најголемите умови од сите полиња, историја енергетика, надворешна политика, медицина, здравство, затоа што така се прави стратегија и кон таа би се придржувала секоја власт.

– Во ваква ситуација кога нашата позиција е флуктирачка и сите го забележаа тоа, јасно е дека гледаат сите дека нема дно и тоа дно секој може да го пробива и во таква ситуација беа склучени договорите со Бугарија и Грција. Ако државна и национална стратегија секоја политичка партија на власт ќе може на тој документ да се повика и да каже дека има документ усвоен од сите чинители во општеството и нема да има потклекнување. Не би дошле во ваква исклучително тешка ситуација, истакна Жежов.

Тој посочи дека не треба да се ставаат розови очила и да се лажеме дека е нешто добро, ситуацијата не е добра.

– За жал тоа што го предвидовме се случи и не знам што треба да се случи понатаму да се слушне гласот на компетентните. Јас секогаш сум отворен за соработка. Македонските власти треба да видат што кажува македонскиот народ, обичниот македонски граѓанин и во тој правец да се насочи. Потребно е единство за македонскиот национален интерес, изјави Жежов.

Жежов во врска со историската комисија и преговорите посочи дека очигледно е дека работи под притисок и дека со преговорите за Гоце Делчев се преговара за Македонија.

– Гоце Делчев е Македонија, со разговорите за Гоце Делчев се разговара за цела Македонија, за сите македонски револуционери, со Гоце Делчев е цела таа плејада на македонски револуционери. Гоце Делчев никаде не спомнува за Бугарија, никаде не вели дека ќе бори за Бугарија, секаде во писмата се разговара за четите на ВМРО, за набавка на муниција, како да се дојде со финансиски средства, како да се борат четите на ВМРО против врховистите, никаде нема дека бара Македонија да се присоедини кон Бугарија, нема такво нешто. Што е заедничкото, што заеднички ќе чествуваме? – вели Жежов.