Во текот на денот ќе дува засилен северен ветер, со брзина од над 70 километри на час, а наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.

Како што најавуваат од УХМР, во следните денови времето ќе биде стабилно и ветровито, со температури под просекот за овој период од годината.

Утринските температури на повеќе места ќе бидат негативни, а дневните во постепен пораст. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и студено. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.

На Попова Шапка утрово е -12 степени, а во Крушево има 24 сантиметри снег, информира УХМР. Висината на снежната покривка е 22 сантиметра во Битола, 18 во Охрид, 14 во Маврови Анови, 12 на Попова Шапка, 7 во Претор, 5 во Тетово, 4 во Берово и 1 сантиметар во Прилеп.

До 08:30 часот се измерени -7 степени во Маврови Анови и Крушево, -6 во Охрид, -5 во Тетово и Претор, -4 во Битола и Берово, -3 во Крива Паланка, -2 во Прилеп и Виница, -1 во Куманово и Штип, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид и Струмица, 1 во Велес и Демир Капија, 2 во Кавадарци, како и 4 степени во Гевгелија.

Изминатите 24 часа најмногу врнежи имало во Пожаране, 22 литри на метар квадратен, во Крушево наврнале 21 литар, 19 во Охрид и Маврови Анови, 15 во Тетово, 14 во Битола, 13 во Претор, 10 на Попова Шапка, 6 во Виница, 5 во Прилеп, 4 во Берово, 3 во Крива Паланка, 2 во Скопје-Петровец и Скопје-Зајчев Рид, како и 1 литар на метар квадратен во Штип, Демир Капија и Струмица.

Фото: МИА Архива