Зимска бура со обилни снежни врнежи зафати делови од државата Њујорк, при што се пријавени најмалку двајца загинати, а во текот на викендот се очекува да се интензивираат проблемите во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија.
Снежната бура од езерото Ири и езерото Онтарио донесе еден до 1,5 метри и повеќе снежни наноси во некои области, а властите пријавија два смртни случаи од срцев удар поврзани со физичкиот напор за отстранување на снегот во погодената област Ири.
Поради ниските температури, првото големо снежно невреме го зафати регионот во четвртокот, за да се засили во текот на ноќта во петок, многу пред почетокот на зимата на 21 декември, а Националната метеоролошка служба прогнозира дека врнежите ќе траат до утре.
До синоќа, метеоролошката служба пријави 1,7 метри снег измерени во Орчард Парк, округот Ири, а вчера попладне имало и наноси од повеќе од еден метар на неколку соседни локации, додека во Бафало, град со 278.000 жители и втор по големина во оваа американска држава, вчера беа измерени 36 сантиметри снег.
Снежни врнежи од вакви размери не се невообичаени за западен Њујорк во ноември, кога релативно топлите води на Големите езера се мешаат со студениот воздух од горните слоеви на атмосферата што се спушта од Арктикот, потсети метеоролошката служба.