Министерството за правда ја финишира иницијативата за предлог-измените на Уставот, оттаму најавуваат дека наскоро ќе ја испратат до Владата официјалната верзија која ја скрои работната група во петокот, а неофицијално амандманите ќе се разгледуваат на првата владина седницa, најверојатно утре.
Во пакетот уставни измени како најважна е корекцијата во Преамбулата, а доколку биде усвоена на крај од Собранието, ќе биде надградена со седум други народи, а не 6 како што беше првично најавено, објави ТВ Канал 5.
Освен бугарскиот, хрватскиот, црногогорскиот, словенечкиот, еврејскиот, египќанскиот, во низата делови од народи, ќе бидат набројани и Ерменците, кои според податоците од последниот попис бројат 61 граѓанин во Македонија. Освен во преамбулата, следствено, седумте заедници ќе станат дел и уште од два члена на уставот – за грижата за дијаспората и за Комитетот за односи меѓу заедниците.
Во обид да се стигне до консензус со опозицијата чиишто гласови се неопходни за промена на уставот, Ковачевски најави, а Мицкоски прифати лидерска средба која би се одржала во наредните десетина дена.
-Ќе предводам и ќе ги предложам сите потребни одлуки Македонија да го продолжи својот пат во остварување на втората стратегиска цел, а тоа е членство во ЕУ и се надевам дека сите политички партии, сите претставници на народот, сите пратеници ќе ја препознаат важноста на оваа одлука и својот глас ќе го дадат за државатa, изјави премиерот Ковачевски.