Премиерот Зоран Заев добил нов предлог од партнерот во Владата Али Ахмети за министер за привлекување странски инвестиции, откако оваа понуда ја одбил Ибрахим Дехари од ДУИ.

Нов предлог од ДУИ е Хисен Џемаили, кој во изјава за медиуми, потврди дека ја прифатил понудата и додава дека битно е Владата да е силна и што повеќе да придонесеме за општеството.

Џемаили е од тетовскиот огранок на ДУИ, кој беше незадоволен од застапеноста со министри во Владата.

Џемаили работи како асистент по географија на Тетовскиот универзитет. Претходно беше советник во Општина Тетово, а во мандатот од 2008 до 2011 беше пратеник. Тој е еден од основачите на Демократската унија за интеграција.

Тој беше и обвинет во еден од четирите Хашки предмети и како еден од пратениците на кој му беше одземен имунитетот. Како учесник во ОНА во војната од 2001 година, беше обвинет за Хашкиот предмет „Малтретирани градежни работници од Маврово“. Тогаш по Џемаили беше распишана потерница бидејќи два месеца не се појавуваше ниту во Собранието ниту во суд.

Откако Собранието во 2011 година го донесе Автентичното толкување на Законот за амнестија, Хашките предмети се затворија.