Братислав ДИМИТРОВ

(Чичиков, главниот лик на колегата Н. В Гогољ, патувал низ Русија и купувал „мртви души“. Јас седам дома до фрижидерот и купувам народни поговорки. За да заштедам, некои од нив и сам ги измислувам)

Постојат луѓе што менуваат историја и луѓе што менуваат сијалици. Вториве се покорисни кога ќе снема светло. Само во филмови хероите спасуваат градови. Обичните луѓе спасуваат ручек да не загори. Историјата ги памети генералите. А животот се потпира на касиерките, возачите, наставниците и мајсторите. Секојдневните херои немаат споменик. Имаат болки во грбот. Тие не бараат медали. Доволно им е да најдат паркинг-место.

Шанкерите не точат само пиво. Тие точат и утеха. Тие се единствените што внимателно и долго ве слушаат. И фризерките се хероини што ве слушаат и на крајот ќе ви кажат дека новата фризура одлично ви стои. Тоа им е работа? А што им е работа на другите? Постојано да ве критикуваат и да ви наоѓаат мани што ги немате? Херој е секој што ќе направи нешто, само со пцуење и изолир-трака. Уште поголем херој е тој што ќе ја види сметката за струја, но ќе продолжи да верува во иднината. Додека вие се жалите од своето едно дете, наставничките се расправаат со 30-ина генералчиња во својата училница. Најстариот и најбезбеден банкарски систем на Балканот беше тетратката за вересија. Имаше повеќе кредибилитет и доверба од Меѓународниот монетарен фонд. Тетратката за вересија ја забранија и така се родија извршителите, попознати по терминот крвопии.

Каде се големите херои? Нема такви. Освен тие што се во читанки, ама и таму почнаа да ги бришат. Дојде време кога нема ни заменик-народен херој. Денес другите ти кажуваат кој си и што си. Ако се согласиш, не си заслужил ништо подобро. И полжавите оставаат трага зад себе. Што ќе оставиме ние? Оваа приказна е вистинска. И има само една цел. Да потсети дека некогаш сме биле луѓе.

Крајно време е да се вратиме во реалноста. Денес е трети златец (јули) 1958 година. Дедо Господ никогаш не штеди на ништо. Расфрлал безброј дијаманти на бескрајното небесното индиго. Седиме пред порти, додека Месечината ги расфрла своите сребрени насмевки врз нашето маало како глуварчиња што ги летавме на екскурзии. Лето е. Топло и нежно како воздишка на гугутка. Во дворовите треперат сенки на рузмарин, шимшир и шебој. Нашите мајки и баби прават слатко од дуњи, јагоди и смокви. Копиљаците се во кревет. Ние сме во пубертет. Нашите татковци и дедовци детално го пребројуваат оружјето на Русите и Американците. Нивните први прогнози се оптимистички. За која страна? „Море седи си мадро да не носиш модро“. Мајка ми Даринка уште пред 60 години, кога критикував, ме опоменуваше: „Ќути сине и ѕидовите имаат уши“. Испадна дека сите имаат уши, освен луѓето.

За малку ќе заборавев. Тогаш сите бевме живи и здрави. После сите умревме. Некој официјално, а некој метафорично. Понекогаш разликата тешко се утврдува. Седиме, значи, пред порти и секој кажува што сака да биде кога ќе престане да биде дете. По Херкулес и Тарзан, најчести беа желбите на родителите. Да се биде доктор, економист или правник. Но, на крајот, сите сакавме да бидеме Веско!

Некаде во близина на Сурдулица, Владо останува дефект со својот „фиат 850“. Се враќа во Скопје со автобус. Веско го стартува својот камион ФАП и тие двајцата заедно со Бучук стигаат до возилото. Веско го врзува со сајла „фиатот“ на Владо за својот камион и тргнуваат накај Скопје. На една остра кривина сајлата се кине и Владо и Бучук со „фиатот“ се тумбаат долго кон челустите на мрачната провалија. Веско дотрчува до нив. Едвај ја извлекува приклештената нога на Владо од згужваната крнтија. Во тој миг почнува да тече крв од ушите и устата на Бучук. Веско ги гледа своите најдобри другари како лежат неподвижни и крвави. Стои неколку вечности сам, со оловна тишина во скршеното срце, а потоа се искачува угоре до патот.

Стопира еден патнички автобус од Врање и на шоферот му ја кажува приказната за да повика брза помош и тогаш милиција. Шоферот прашува: „Ти треба ли нешто?“ Веско мирно одговара: „Фала, не треба ништо“. Шоферот влегува во автобусот. Веско легнува под задните тркала на автобусот. Автобусот продолжува за Скопје. Веско продолжува кон вечноста и за последен пат погледнува кон исток.

Беше еден од двајцата најсилни луѓе во Скопје. Секогаш истовараше од својот камион една гајба „јагодинско“ пиво и ја оставаше во нашето маало. Ниту најдобриот опис не вреди колку вистинската приказна. Само ќе цитирам една од многуте девојки: „Ако го споредиш погледот на Веско со оние на Клинт Иствуд и Роберт Редфорд, ќе испадне дека последниве двајца воопшто немаат сини очи“. Тие негови сини очи имаа и една челична нијанса, која ги обесхрабруваше сите џукели да изигруваат мангупи по која било основа. Секогаш им помагаше на послабите.

Судбината ги расфрла своите карти и ние никогаш повеќе не успеавме да ги ставиме во истиот шпил. Оттогаш помина едно историско време, но ништо не се промени. Кога ќе погледнете кон исток, она парче небо со вишок синило е негово.

Тоа беше последниот поглед на Веско.

МИА