Јавноста повторно беше сведок на уште еден обид на СДСМ преку политички конструкции, заплашувања и веќе препознатливата драматургија да ја дефокусира дебатата од суштината, од реформи во изборниот систем и надминување на модел кој одамна ја има изгубено својата првична цел, се наведува во соопштението од ЗНАМ, што МИА го пренесува интегрално.
Тврдењето дека укинувањето на таканаречената Пржинска влада претставува „автократски манир“ е не само неточно, туку и политички лицемерно. Законот за техничка влада беше донесен во специфични околности, во време на длабока политичка криза, објавување на незаконски стекнати материјали и постоење на специјално обвинителство. Тој закон ја заврши својата улога. Денес, државата не смее да остане заложник на привремени решенија кои се претвораат во трајни алатки за политичко условување.
Новото законско решение не ја укинува контролата, туку напротив, предвидува јасен транзициски период, со можност техничка влада да постои за следните парламентарни избори. Ова е компромисно и одговорно решение, кое ги зема во предвид сите политички чинители, вклучително и СДСМ, чии предлози во најголем дел се вградени во текстот на законот.
А кога веќе СДСМ зборува за „шверцерски“ пристап, добро е јавноста да се потсети на фактите. Ако ова е „шверц“, тогаш станува збор за најтранспарентниот „шверц“ во политичката историја, со лидерска средба, на која, патем, претседателот на фондацијата Заев, Венко Филипче одлучи да не дојде, со официјални рокови, со писмени предлози од сите партии и со прифаќање на речиси сите нивни барања. Очигледно, за СДСМ проблемот не е процесот, туку тоа што исходот не е по нивна мерка.
Особено симптоматично е што лидерот на СДСМ одби да присуствува на лидерската средба каде токму овие прашања требаше отворено да се дискутираат. Наместо аргументи на маса, гледаме политички настапи пред камери и однапред подготвени изговори.
Дополнително, јавноста со право се прашува: нели СДСМ тврдеше дека е подготвен за нови избори? Ако тоа е така, зошто тогаш ваква нервоза, ваква реторика и обиди за блокада? Ако има доверба во граѓаните, тогаш нема потреба од панични реакции и инсистирање на механизми кои одамна требаше да останат во минатото.
Затоа денешната реторика на СДСМ е контрадикторна сама по себе. Истата таа партија ги призна сите изборни резултати во изминатиот период, вклучително и локалните избори, без суштински забелешки за нивната регуларност. Како тогаш одеднаш техничката влада станува „единствен гарант“ за фер избори?
Заканата дека ќе се повлечат од работата на изборниот закон не е ништо друго освен политички притисок и обид за блокада. Демократијата не се гради со уцени, туку со учество и аргументи.
Движењето ЗНАМ смета дека на Македонија и се потребни стабилни институции, а не ад-хок политички конструкции од минатото. Наместо да бега од реформи, СДСМ треба да покаже политичка зрелост и да придонесе кон создавање современ изборен систем кој ќе гарантира доверба кај граѓаните, без разлика кој е на власт.
Државничкиот пристап подразбира одговорност, а не закани. Македонија одамна заслужува да излезе од сенката на кризното управување и да зачекори кон нормално институционално функционирање.
ЗНАМ ќе продолжи да се залага за транспарентност, инклузивност и реформи што ќе ја зајакнат демократијата, наместо да ја држат во заложништво на минатото.
Фото: Архива




