Оставките на министерот Венко Филипче и на заменик-министерот за здравство Илир Хасани се доставени и архивирани во Владата. Дали тие ќе бидат прифатени ќе зависи од резултатите од истрагата за пожарот во модуларната болница, која е во тек и во која наскоро се очекува да се вклучат германските експерти.
Портпаролот на Владата Душко Арсовски вчера на редовна прес-конференција во Владата потврди дека оставките се доставени и оти нивната содржина не отстапува од она што Филипче и Хасани веќе јавно го споделиле во јавноста.
Проценката и одлуката за поднесените оставки, како што неодамна изјави премиерот Зоран Заев, ќе ја базира, исклучиво на фактите од истрагата, согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот.
Тој вчера повтори дека ќе ги чека наодите од вештачењето и форензичките извештаи, вклучително и германските, кои треба да бидат комплетирани многу скоро и оти потоа ќе ја донесе одлуката.
Според него, чувство за морална одговорност има, но смета дека не може да се распушти државата кога се случуваат вакви несреќи.
– Сите треба да учиме од слабостите на системот, трагедиите да ги прифаќаме со најобјективни согледувања, претпоставки и одговорности. Никој не е венчан, ниту врзан за функцијата. Секој е заменилив, но истовремено, не смееме ни да се поставуваме несоодветно заради некакви скриени политички побуди или други скриени намери, порача Заев.
Владата и јавноста очекуваат брза и професионална истрага. На терен работат домашните надлежни институции, а вчера пристигнаа и германските експерти кои заедно со МВР и Обвинителството треба да ги дадат одговорите за пожарот во модуларната болница.
Германскиот тим од Федералната криминалистичка служба е составен од четворица експерти, односно двајца крим техничари и форензичари за истражување пожари и двајца крим техничари и форензичари за ласерско мерење на простории и за фотографирање.
И додека трае истрагата, опозицијата бара оставки од министерот за здравство и од премиерот Заев. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и вчера побара од претседателот на Собранието да ја стави на дневен ред одлуката за оставка на министерот Венко Филипче.
Во вторникот на пленарна седница опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара од претседателот на Собранието како прва точка на 50-тата пленарна седница да биде ставена Предлог-одлуката за разрешување на Филипче од функцијата министер за здравство, што беше одбиено од спикерот на Парламентот, со образложение дека, согласно Уставот, таквиот предлог треба да биде доставен од страна на претседателот на Владата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, пак, вчера во статус на „Фејсбук“ оцени дека информациите за материјалот кој е користен за градба на модуларните болници ја надминува моралната одговорност на надлежните. Праша зошто во набавката за модуларните болници се барале лесно запаливи PUR панели, не се барало атест за квалитет и зошто немало противпожарна заштита.
– Со набавката направена од Министерството за здравство се бара монтажните болници – контејнери да бидат составен од ѕидни и кровни (PUR) панели кои се најслабо огноотпорни. Никаде не се бара да се достави атест од производител на било кој материјал што е вграден во модуларните болници. Нема никаде дека обврзувачко е во самите објекти да има и планови за евакуација. Покрај тоа што не се бара елаборат (проект) за ПП заштита, исто така не се бара да бидат запазени минималните барања за ПП заштита за ваков тип на објекти (здравствени установи), напиша Мицковски.
Според Правилникот за заштита од пожари, како што напиша на фејсбук статусот, овие објекти спаѓаат во категоријата Г за која важи дека мора да бидат огноотпорни минимум два часа, а болницата во Тетово, како што вели, изгорела за две минути.
Модуларната болница во Тетово целосно изгоре во пожар на 8 септември околу 21 часот. Загинаа 14 пациенти, а 12 беа повредени. Со цел истрагата да биде независна, Владата одлучи да бидат вклучени и германски експерти