При големиот настан на Христовото Преображение беа присутни само тројца ученици, Петар, Јаков и Јован. Овие три личности ги зема Христос и во други моменти, како што е воскреснувањето на Јаировата ќерка и молитвата во Гетсиманија.
Овој избор не може да се окарактеризира како пристрасност. Не можеме да Му придадеме на Христа човечки склоности и острастени чувства. Постои една најдлабока теолошка етиологија. Многу добро знаеме дека откровението и објавувањето Божјо може да биде Рај за подготвените за тоа созерцание и Пекол за неочистените или барем за оние кои не се подготвуваат. Затоа и треба некој да се наоѓа во соодветна духовна состојба за да го прими Божјото откровение боговидно, а не пеколно. Изгледа, значи, дека тројцата ученици беа најподготвени за да го примат ова откровение Божјо. За другите требаше да остане скриено и да им се открие по Неговото воскресение.
Тројцата ученици имаа некои квалитети што ги направија соодветни за нивното учество во ова созерцание. И тројцата имаа превосходство над другите ученици (Свети Јован Златоуст).
А нивното превосходство се гледа во тоа што Петар многу Го љубеше Христа со топлината на верата, Јован беше многу возљубен од Христа поради премногуте добродетели, а Јаков затоа што имаше многу тежина кај Јудејците, поради што Ирод го уби.