Пред неколку дена објавивме дека минатата недела, Италијанската бискупска конференција најави промена на текстот од молитвата „Оче наш“.
Молитвата првично се споменува во Евангелието по Матеј (6, 9-13) и гласи:
„Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое;
Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата;
лебот наш насушен дај ни го денес;
и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници;
и не нè воведи во искушение, но избави нè од лукавиот, зашто Твое е царството, и силата, и славата во сите векови. Амин!“
Во Еванглието според Лука (11, 2-4) молитвата е пократка и гласи:
„Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата:
лебот наш насушен дај ни го денес;
и прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој наш должник; и не нè воведуј во искушение, но избави нè од лукавиот!”
Но, во најстарите ракописи од Евангелието по Лука, молитвата е уште пократка и гласи:
„Оче, нека е свето името твое. Нека дојде царството твое. Лебот наш насушен дај ни го денес. И прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој наш должник; И не нè воведуј во искушение. “
Оваа верзија на молитвата која изгледа прилично осакатена, во истото Евангелие според Лука, подоцнежните препишувачи ја прошириле додавајќи ги зборовите кои и денес се содржани во современите преводи на Библијата.
Но, надвор од ова, што е проблем во молитвата поради што се јавила потребата да се менува?
Ако забележавте, во сите три верзии кои овде ги наведовме, во најпозната според Евангелието по Матеј, во пократката верзија на молитвата според Лука и во најкратката верзија содржана во најстарите ракописи на Евангелието по Лука, содржан е дел од текстот кој гласи „не воведувај не во зло“.
Како стоело во оригиналните евангелија по Матеј и Лука никој не знае, зашто оригиналите не постојат. Уште помалку некој знае зошто Лука ја скратил молитвата, ако веќе се земе дека Матеј е еден од 12-те апостоли (иако Исус го повикува да тргне по него по Беседата на гората каде ја кажува и молитвата) и веројатно имал поголема можност од Лука да дознае што Исус беседел на гората, за разлика од Лука чиј извор е апостол Павле, кој на христијаството му се приклучува две години по распнувањето на Исус. А при пишувањето ан своето евангелие, Лука можел да го има на увид Евангелието според Марко, што за научниците не е спорно, но и Евангелието според Матеј кое се смета дека е порано напишано од тоа на Лука.
Како и да е, папата Франциско, уште пред една година предупреди на грешка во толкувањето на молитвата, наведувајќи дека не е Бог тој кој не доведува во зло. Со оваа промена, наведениот дел од молитвата би гласел „не напуштај не во зло“, кој според сфаќањето на црквата, подобро би ги пренело изворно напишаните зборови на арамејски јазик.
Промената е веќе воведена во една верзија на Библијата, како и во францускиот превод, а сега ќе биде воведена и во светата миса.
Потврда за ова може да се најде во Соборното послание на Јаков, за кое традиционално се смета дека е напишано од братот на Исус (скептик, кој подоцна станува прв човек на црквата во Ерусалим, откако, според апостол Павле, тој е еден од тие на кои Исус им се јавува по распнувањето – 1Кор, 15), но има и научници кои оствааат можност тоа да е напишано од апостолот Јаков Алфеев.
Во ова писмо, глава 1 стих 13, Јаков вели:
„Ниеден, кога е во искушение, да не вели: „Бог ме искушува”, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Он никого не искушува, но секого го искушува неговата похот, која го влече и мами.“
Тоа е сосема во ред со ставовите и на католичката и на православната црква, бидејќи прифаќањето на ставот дека Бог може да ве „воведе во искушение“ односно врз вас да фрли зло, на пример, болест, несреќа и слично, и преку неа да ве искушува и да ја проверува вашата вера не е прифатливо и нејасно е зошто оваа промена не се случила досега.
Теолозите секогаш ќе кажат дека ако Бог сакал молитвата да се смени, тоа досега ќе се случело, бидејќи Библијата се смета за книга чии зборови се вдахновени од Бога, но од друга страна, кога би останала сегашната формулација, потребно е, се чини, нејзино прифатливо толкување.
Засега, нема реакција на оваа најава на папата од страна на православните цркви, што остава простор да се заклучи дека ова е уште една можност за ново оддалечување меѓу католиците и православните.