Нема пречка Бугарите да бидат внесени во Уставот на нашата земја, но тој е процес за кој треба да постигнеме поширок консензус во Собранието на РСМ, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во ексклузивно интервју за бугарската БТВ.

Тој во интервјуто говори за односите со Бугарија и тензиите што се појавија меѓу двете земји по отворањето на клубот Ванчо Михајлов во Битола.

– Кога ќе влезете во центарот за култура, на главниот влез има голема табла со цитат од Ванчо Михајлов, на која пишува: „Залудни се напорите на таканаречениот македонски народ да го лаже светот“. Ова е голема навреда за нашите граѓани, ова е голема навреда за луѓето што ги застапувам. Ова кај нас ова се смета за провокација. Не верувам дека бугарските власти дојдоа поради оваа порака на Михајлов, која беше поставена на влезот од клубот. Но вака се толкуваа сите овие пораки што ги налутија граѓаните. И наша должност е да ги разјасниме овие прашања, отворено да си кажеме што е она што не провоцира, што не лути, за да можеме во отворен дијалог да ја создадеме нашата заедничка иднина, вели Османи.

На прашањето дали му пречи само името на центарот и конкретното лице или составот на бугарската делегација затоа што имаше коментари на оваа тема, Османи одговара:

– И јас во мојата изјава кажав дека доколку клубот не го носеше ова име ние ќе бевме дел од оваа делегација во Битола. Целата наша влада ќе беше таму затоа што ја поздравуваме и сакаме да ја охрабриме бугарската заедница да се организира, сакаме бугарската заедница да се интегрира институциите, системите и механизмите воспоставени преку рамковниот договор. Но, мора да внимаваме на чувствителноста на двете страни, особено во овој период на доверба. Сакаме да ја вратиме довербата еден во друг. Секако дека ваквите прашања ќе ни бидат се помалку важни, бидејќи ќе бидеме фокусирани на иднината, на заедничката европска перспектива за граѓаните на двете земји. Но, ова е деликатен период во кој и вие и ние мора да бидеме внимателни за да ја создадеме нашата заедничка иднина, вели Османи.

Според Османи нема пречка за внесување на Бугарите во македонскиот устав, но тој процес би траел неколку месеци.

– Прашањето за уставот е такво што ќе трае неколку месеци. Процес за кој треба да постигнеме поширок консензус во Собранието. Мислам дека ако навреме ги поврземе двете прашања, пред почетокот на преговорите само ги намалуваме шансите воопшто да се најде решение во тековниот период, вели Османи.

Целото интервју може да се отвори на овој ЛИНК.