Денеска е 6 февруари (според стар стил) и се слави Свети Фотиј Велики, патријарх Цариградски.

Голем светилник на Црквата. Роднина на царот и внук на славниот патријарх Тарасиј. Крепостен заштитник на Црквата од папското властољубие и од другите римски изопачувања на верата.

За шест дена ги помина сите чинови од лаик до патријарх. Стана патријарх на Божик, 857 година, а се упокои во Господа во 891 година.

Денеска се слави и  Свети Вукол, епископ Смирненски.

Ученик бил на свети Јован Богослов, којшто и го посвети за епископ на градот Смирна. Во Смирна тогаш имаше малкумина крстени. Свети Вукол блескаше сред темнината на незнабоштвото како јасна свеќа.

Се одликуваше со сите добродетели, а особено со благост и со кротост. Пред смртта, Вукол го посвети за свој наследник во епископството славниот Поликарп, а самиот мирно се упокои и отиде кај Господа.