Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска изјави дека во Судан беше пукано врз американски дипломатски конвој, но инцидентот поминал без жртви.

Можам да потврдам дека вчера беше пукано врз американски дипломатски конвој. Сите наши луѓе се безбедни и неповредени. Но, оваа акција беше непромислена, беше неодговорна и се разбира небезбедна, изјави Блинкен по средбата на Г7 што се одржува во Јапонија.

Тој не прецизира кој пукал врз конвојот.

Четврти ден од борбите за превласт во Судан, но ниту армијата ниту паравоените сили не успеваат да извојуваат победа.

Повеќенеделните тензии поради предлогот за повторно воспоставување на цивилна власт ескалираа на 15 април кога почнаа борбите во главниот град на Судан, Картум, за подоцна да се прошират речиси во цела земја. Според лекарски извори во судирите загинале околу сто луѓе, а повредени се неколку стотици.