Владата на С. Македонија стигна до ново дно: министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ѝ нареди на полицијата да започне предистражна постапка против наставник затоа што носел деца да цртаат во Бугарија, пред Народниот театар и во Пловдив, а потоа ги посетиле бугарскиот парламент и претседателството, се вели во реакцијата објавена на Фејсбук поранешната шефица на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева.

– Не знам дали колегите разбираат како изгледа ова – како да прават очајнички потези за да се приклучат кон еден многу фамозен светски клуб. Учител може да биде гонет за такво дело само во Русија, Белорусија и Северна Кореја. А сите си мислевме дека на Балканот сме ја затвориле таа мрачна страница од историјата, напиша Захариева на својот профил на Фејсбук.

Оваа реакција доаѓа откако вчера, како што објавивме, деца од Македонија биле злоупотребени за политички цели во Бугарија. Станува збор за деца од ликовно студио Мал битолски Монмартр кои без знаење на родителите биле однесени на средби со Претседателот Румен Радев и Симеон Втори, синот на бугарскиот цар Борис Трети.