Членот на израелскиот Воен кабинет, пензионираниот генерал Гади Ајзенкот, го критикуваше начинот на кој израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја води војната против Хамас во Газа, сугерирајќи дека целосната победа над палестинската исламистичка организација е нереална.

-Кој зборува за апсолутен пораз не ја кажува вистината, рече Ајзенкот во телевизиско интервју неколку часа откако Нетанјаху ја отфрли идејата за избори среде војна, за кои рече дека може да продолжи во 2025 година, и вети дека „ќе донесе целосна победа во одговорот на нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври“.

Ајзенкот, поранешен началник на израелскиот Генералштаб, чиј син и внук беа убиени во последната војна, кажа дека ситуацијата во Газа „е таква што целите на војната сè уште не се постигнати“.

Израел вети дека ќе ги уништи воените капацитети на Хамас и управувањето со Газа и ќе ја отстрани заканата за Израелците, но се најде на удар поради тоа што нема план за тоа што по војната на оваа палестинска територија, во време кога бројот на загинати палестински цивили расте.

Израелските лидери ветија и враќање на заложниците.

Ајзенкот, како член на Воениот кабинет, од опозициската партија Национален сојуз, меѓутоа, изрази сомневање во стратегијата за ослободување на заложниците, кои, како што се верува 132 од првично околу 240 киднапирани, се уште се наоѓаат во заробеништво.

Тој смета дека само прекин на огнот може да доведе до ослободување на заложниците, кои се уште ги држат екстремистите во Газа и дека тврдењата дека можат да бидат ослободени со други средства се ширење „илузии“.

Американските медиуми наведуваат дека изјавата на Ајзенкот, дадена доцна синоќа, е најнов знак на несогласување меѓу политичките и воените лидери околу насоката на израелската офанзива против Хамас, која влезе во четвртиот месец.

Покрај тоа, САД, најблискиот сојузник на Израел, кој обезбеди силна воена и политичка поддршка за операциите на армијата, се повеќе бара намалување на нападите и преземање чекори кон формирање на палестинска држава по војната, што Нетанјаху категорично одбива.

Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, пак, постојано кажува дека борбите ќе продолжат се додека Хамас не биде поразен и тврди дека само воена акција може да доведе до ослободување на заложниците.

Хамас бара прекин на војната пред да разговара за заложниците и бара ослободување на илјадници Палестинци во замена за заложниците кои се држат во Газа.

Коментаторите во Израел почнаа да се прашуваат дали целите на Нетанјаху се реални со оглед на бавното темпо на офанзивата и растечката меѓународна критика, вклучително и тужбата за геноцид пред највисокиот суд на ОН.

Противниците на Нетанјаху го обвинуваат за одложување на каква било дискусија за повоеното сценарио за да се избегнат истрагите за неуспесите на владата, да се одржи заедничката коалиција и да се одложат изборите.

Анкетите покажуваат дека популарноста на Нетанјаху, кому му се суди за корупција, драстично опадна за време на војната.