Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални почина од природна смрт, од згрутчување на крвта, изјави шефот на украинската воена разузнавачка служба (ГУР) Кирил Буданов, пренесен од украинските медиуми.

-Можеби ќе ве разочарам, но она што го знаеме е дека тој навистина починал од згрутчување на крвта. И тоа е горе-долу потврдено. Тоа го знаеме, им рече Буданов на новинарите на прашањето дали разузнавачката служба „знае како е убиен“.

Тој додаде дека оваа информација не е преземена од Интернет. Според него, тоа било природна смрт.

Семејството и соработниците на Навални го обвинуваат Кремљ за неговата смрт, што Москва го отфрла. Западните политичари, исто така, веднаш изјавија дека Навални бил убиен од режимот на рускиот претседател Владимир Путин.

Телото на Навални дури пред два дена и беше предадено на мајка му, а датумот на погреб ќе биде одреден дополнително.

Навални (47) почина на 16 февруари во затворска колонија во Сибир. Тој колабирал додека одел во дворот и починал и покрај обидите за негова реанимација.

Најпознатиот руски опозиционер во колонијата издржуваше 30-годишна затворска казна, меѓу другото, како што е наведено во една од пресудите на рускиот суд, заради основање и финансирање на екстремистичка организација и нејзините активности.

фото:МИА архива