Важно е С. Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите поврзани со замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор, нагласува Делегацијата на Европската Унија во земјава за МИА.

На прашањето за ставот на ЕУ во врска со предложените законски измени за продолжување на важноста на патните исправи до крајот на оваа година, кои се ставени на дневен ред денеска на 145. собраниска седница и дали таквите измени ќе бидат прифатливи за ЕУ, од Делегацијата добивме одговор дека она што е важно за земјава е да ги почитува меѓународните договори, но оти признавањето на патните испрати е работа на секоја држава поединечно.

– Важно е С. Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите за замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор. Потсетуваме дека признавањето на патните исправи издадени од трети земји е во надлежност на секоја земја-членка одделно, се наведува во одговорот на Делегацијата на ЕУ.

Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер вчера на настан за одбележување на Денот на Франкофонијата истакна дека Преспанскиот договор создава обврски во сферата на меѓународното право, но додаде и дека правото на слобода на движење е друго право, кое исто така треба да биде почитувано.

null

-Треба да имаме одредени принципи на ум. На македонските граѓани, но и на сите други граѓани во светот не можете да им забраните да се вратат на својата територија, односно во матичната земја. Тоа е една работа. Но потоа за да се излезе од територијата потешкотија е доколку граѓанинот не поседува нова патна исправа или нова лична карта, па ќе биде спречен да ја напушти матичната земја, истакна Бомгартнер.

Македонија досега доби официјално известување само од Швајцарија дека е дозволено движење со важечки пасош со старото уставно име. Македонските државјани засега немаат проблеми за влез во Хрватска, а хрватската амбасадорка Нивес Тигањ на средба со техничкиот министер за внатрешн работи Панче Тошковски во понеделникот изјави дека Хрватска има разбирање за проблемот и дека македонските државјани имаат непречено движење на хрватската територија и со старите обрасци на патни исправи доколку истите имаат рок на важност. Од БиХ е испратен официјален допис дека дека не го признаваат пасошот без новото име. Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев информираше дека разговарал со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Нешиќ, при што договориле македонските граѓани да може да патуваат таму со лична карта, со старото уставно име.

Амбасадорот на Белгија за Македонија, Фредерик Мерис во интервју за „Независен“ објавено на 11 февруари најави дека работна група во ЕУ ќе расправа како да ја имплементира одредбата од Договорот од Преспа, според која од 13 февруари сите пасоши мора да го содржат името Република Македонија.

Мерис оцени дека ќе биде лошо ако ЕУ нема заедничка позиција околу имплементацијата и ако земјите членки поединечно одлучуваат како да ги третираат македонските граѓани со невалидни пасоши.

-Не знаеме се уште како Белгија ќе ја имплементира промената и како ќе ги третира вашите граѓани без валиден пасош, се уште немаме конкретен одговор на тоа. Сепак, тоа е дел од одговорноста на претседателството на ЕУ. Ние ќе имаме состанок на почетокот на неделава што доаѓа на европско ниво. Има работна група во рамките на ЕУ која се справува со вакви прашања  и ќе работиме за да утврдиме заедничка позиција за земјите членки. Најлошо ќе биде ако се случи луѓе да поминуваат низ Унгарија и низ Србија, а Австрија да има друга позиција – тоа е нешто што сакаме да го избегнеме. Така што, во основа, да, ние мора да имаме повеќе јасност идната недела околу ова прашање, изјави тогаш Мерис.

Фото: МИА архива