Од околу 50 илјади Фајзер вакцини за САРс КОВ 2 кои Македонија ги доби како донација од Бугарија, 13.000 ќе бидат уништени како медицински отпад, истакнуваат од Министерството за здравство.

Вакцините во Македонија пристигнаа на 17 септември, а рокот на траење истече вчера. До вчера биле искористени 38.480 дози, а 13.000 ќе мора да бидат уништени.

Откако беше добиена донацијата, од македонското МЗ уверуваа дека вакцините ќе бидат аплицирани далеку пред истекувањето на рокот на важност.

„Од количината вакцини што ќе ја добиеме како донација, согласно точните проекции за потребите за ревакцина со вакцината на Фајзер, како и големиот интерес за прва доза од овој производител, сите дози ќе бидат аплицирани далеку пред истекување на рокот на важност, односно во период од 5 до 7 дена од нивната дистрибуција на пунктовите“, велеа тогаш од Министерството за здравство.