„Независна Македонија како рамноправен член на Балканската федерација! Тоа е политичкото верују на Македонците кои искрено си ја сакаат татковината, без разлика на верата, убедувањето, полот, возраста… И ние нема да престанеме да го проповедаме и да го всадуваме овој лозунг во свеста на родољубивите Македонци, сѐ додека тој не стане тело од нивното тело и крв од нивната крв! Зашто само тогаш ќе можеме да веруваме и да се надеваме дека со заеднички и единствени сили на измачените македонски синови, најпосле ќе бидеме среќни во најблиска иднина да ја постигнеме нашата лелеава мечта: Да си ја видиме татковината издигната во нејзините географски и економски граници во независна држава“ – пишува Славчо Ковачев во своето „Верују“.

На 13 септември 1924 година, во Софија, биле ликвидирани двајца истакнати македонски дејци – Димо Хаџи Димов и Владислав (Славчо) Ковачев – ревносни борци за независна Македонија. Убиствата биле дел од пошироката чистка на Иван Михајлов и ВМРО-Терористичка против соперниците и неистомислениците. Хаџи Димов, пратеник и еден од водачите на македонската левица, бил застрелан на улица во бугарскиот главен град од Владо Черноземски (Величко Димитров-Керин). Мирчо Кикиритков пак, го извршил атентатот врз Ковачев. Тие денови додека во Софија биле убиени Хаџи Димов и Ковачев, во Горна Џумаја и на други места продолжила акцијата против други луѓе од спротивставените струи. Така, 12-13 септември 1924 и деновите од „македонската вартоломејска ноќ“ се впишале меѓу најкрвавите денови во братоубиствените пресметки во македонското револуционерно движење.

– Димо Хаџи Димов и Владислав Ковачев биле македонски револуционери, дејци кои во својот живот поминале низ повеќе фази на нивната револуционерна дејност, но никогаш не отстапиле од идеалот за создавање автономна или независна Македонија. Во своите рани години, во младоста, Ковачев членувал и во Врховниот македонски комитет (ВМК), но неговите ставови кон Македонија и македонското прашање секогаш биле поблиски со програмата на ВМРО, отколку со политиката на ВМК. Заради неговото воено образование, често како војвода на чета дејствувал на територијата на Македонија, но истовремено не го запоставил и дооформувањето на неговото високо образование – вели историчарот Никола Жежов за МИА.

Од 1904 до 1909 година, Ковачев студирал на факултет за правни науки во Париз. Во услови кога во самата Македонија стапката на неписменост била висока, Славчо Ковачев станал доктор по правни науки во Брисел, Белгија, во 1911 година. Ковачев особено бил активен во редовите на македонското револуционерно и националноослободително движење во времето меѓу двете светски војни и бил еден од идеолозите и основачите на Македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО). Неговата книга „Политичкото верују на Македонците“ всушност претставувала идеолошка платформа на македонските федералисти. Напоредно со револуционерната дејност во МЕФО и во Илинденската организација во Бугарија, Ковачев работел како адвокат во Софија, а бил и главен уредник на весникот „Автономна Македонија“.

– Фактички, во неговата револуционерна дејност Славчо Ковачев поминал и дејствувал во 4 различни македонски организации: ВМК, ВМРО, МЕФО и Илинденската организација, но иако организациите биле различни во своите цели и начинот на дејствување, кај Ковачев тоа не се чувствувало, тој никогаш не се откажал од идејата и мислата за независна Македонија во рамките на Балканска федерација на рамноправно сојузени држави и народи – изјави проф. Жежов.

Славчо Ковачев се залагал за независна Македонија, како рамноправен член на идната замислена балканска федерација. Како идеолог на македонските федералисти, тој во својата доктрина, или тн. верују, меѓу другото, наведува 10 начела. Така, Ковачев вели:

1. Ја сакам Македонија повеќе од сѐ друго на светот.

2. Верувам постојано во нејзиното скорешно ослободување.

3. Сметам само на нашите сопствени сили.

4. Не верувам во интервенциите на големите сили.

5. Ќе се трудам да ја придобијам општествената јавност за нашата кауза.

6. Отворено и постојано ќе го проповедам федеративниот лозунг: Независна Македонија, како рамноправна членка на Балканската федерација.

7. Неизмерно верувам дека само во обединувањето на вистинските македонски сили е нашиот спас.

8. Непоколебливо ќе го следам возвишениот полет на првоапостолите на македонската слобода: Да го чуваме македонското дело далеку од политичките борби на балканските држави.

9. Најсовесно ќе дејствувам материјално и морално на македонските организации кои ја имаат девизата: Независна Македонија како членка на Балканската федерација.

10. Пет минути од деноноќието ѝ посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за неа.

„Затоа што тој што е задоен со сочното македонско млеко на страдалната македонска мајка и се почувствувал макар и за миг вистински Македонец, никогаш повеќе нема да биде способен свесно да стане предавник на Татковината!” – истакнува Владислав Ковачев.

– Неговиот живот згаснал трагично, во пресметките и братоубиствата што се случувале во македонското револуционерно движењепо убиството на Тодор Александров на 31 август 1924 година. Ковачев бил убиен на 13 септември 1924 во Софија од страна на атентаторот на ВМРО, Мирчо Кикиритков – додаде Жежов.

Димо Хаџи Димов, или „Хаџијата“ како што бил нарекуван, бил убиен, исто така, во Софија, од страна на Черноземски – само неколку часа по убиството на Славчо Ковачев. Историчарот потсетува дека и тој бил обвинет од раководството на Организацијата на Ванчо Михајлов дека учествувал во заговорот против Тодор Александров, но за тоа не постојат директни докази, туку нецелосно докажани сомневања, исто како во случајот со Ковачев. Настаните покажуваат дека многу поверојатно е дека Михајлов, за кого се смета дека е можен нарачател на убиството на Александров, го искористил тоа за да се пресмета и со Ковачев и Хаџи Димов.

Мирчо Кикиритков

Георги Кулишев, противник на Привремената ВМРО, истата 1919 година за Хаџи Димов ќе рече:

„Димо Хаџи Димов долги години е идеолог на Санданистите. Тој истовремено е и сомисленик и активен функционер на бугарската Тесносоцијалистичка партија. Доследен на партијата, тој излегува од гледиштата на социјалната револуција. Одрекувајќи го државниот национализам и напаѓајќи ги национал-патриотите што се воодушевуваат од општите идеали на бугарското племе, тој го отфрла бугарскиот карактер на Македонија“.

Димо Хаџи Димов имал слична револуционерна траекторија и фази во неговиот живот, како и Славчо Ковачев. Според Хаџи Димов, автономијата значи поставување на самостојноста и независноста на Македонија како политичка цел на македонските национал-револуционери, особено по Првата светска војна. Со поделбата на Македонија по Балканските војни и особено со Букурешкиот договор од 1913, за него, Македонија била „раскината“ меѓу соседните држави. Новосоздадените околности значат враќање кон идејата за целовита и неделива Македонија како посебна политичка единица, односно независна македонска држава – одделна од другите балкански држави.

Хаџи Димов ја поставува Македонија вон интересите на Бугарија, Србија и Грција.

„Не прифаќајте ја поделена Македонија како свршен факт, туку повторно поставете ја цела Македонија како автономна политичка единица“ – повикува Хаџи Димов. Тој, исто така, подвлекува: „Ако народите имаат право сами да ја определат својата судбина, и македонскиот народ го има тоа свое право и за определувањето на својата судбина нема зошто да ги праша Бугарија, Србија и Грција, туку пред сѐ – себе и само себе“.

Од социјалист до национал-револуционер, од соборец на Гоце Делчев и Јане Сандански и член на илинденската ВМРО до приврзаник на легалното политичко дејствување и еден од основачите на Народната федеративна партија (НФП) во 1908 година. Историските околности имале силно влијание врз ориентацијата на Димо Хаџи Димов: различните историски времиња влијаеле македонскиот револуционер да ја приспособува својата дејност кон таквата реалност. По крајот на Првата светска војна, Димо Хаџи Димов бил еден од основачите на Привременото претставништво на поранешната обединета ВМРО, преку која организација, заедно со постарата илинденска генерација на револуционери се обидувал да ја обнови програмата за создавање автономна Македонија. Таквите програмски цели Хаџи Димов и соборците се обидувале да ги застапат и на сесиите на Версајската мировна конференција во 1919 година каде што се решавала и судбината на Македонија. Идеалот за автономија на Македонија, Димо Хаџи Димов извонредно го објаснил во неговата брошура „Назад кон автономијата“, пишан труд што бил особено читан и популарен кај македонските емигрантски организации во Бугарија меѓу двете светски војни. По расформирањето на Привременото претставништво, Димо Хаџи Димов учествувал во создавањето на Емигрантскиот комунистички сојуз (ЕКС) – македонската секција на Бугарската комунистичка партија, којашто дејствувала со класична комунистичка идеологија – објаснува Жежов.

Инаку, во договор со Гоце Делчев, тој во јануари 1903 година заминува со четата на Борис Сарафов за Македонија. По неколку месеци, на 3 мај пристига во селото Баница за да се сретне со Делчев. Следниот ден турската војска го напаѓа селото и во битката загинува Делчев, а Хаџи димов е непосреден сведок на загинувањето на Гоце. Потоа, Хаџи Димов успева да се извлече и кон крајот на мај се враќа во Дупница.

Хаџи Димов бил член на Бугарската комунистичка партија и пред крајот на животот станал и пратеник во рамките на Македонската парламентарна група во Народното собрание.

Сѐ на сѐ, највоочливата и најсвојствена нивна заедничка точка е тоа што и Хаџи Димов и Славчо Ковачев сѐ поцврсто стоеле на македонската национална линија. Со тие две убиства наложени од ванчомихајловистичката организација, македонското интелектуално-револуционерно движење за независност загуби два свои големи ума во ист ден.

МИА