Владата донесе нова одлука за намалување на стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) за дизелот, која од досегашните 18 отсто се намалува на 10 отсто.

Информацијата ја соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која посочи дека мерката е донесена како одговор на ризиците и актуелните движења на меѓународните пазари.

Според неа, со намалувањето на ДДВ директно ќе се влијае врз малопродажните цени на горивата, а истовремено ќе се ограничи можноста надворешните ценовни притисоци да се пренесат врз цените на останатите производи и услуги.

„Продолжуваме со навремени мерки за заштита на стандардот на граѓаните и стабилноста на домашната економија“, порача Димитриеска-Кочоска.

Министерката нагласи дека Владата реагира навремено и одговорно, со цел да го амортизира влијанието на надворешните фактори врз домашната економија.

Намалувањето на даночното оптоварување, според најавата, треба да придонесе за ублажување на ефектите од евентуалните ценовни шокови на глобалниот пазар на енергенси и да обезбеди дополнителна заштита на стандардот на граѓаните.