Општина Бутел денеска беше домаќин на големиот карате турнир „Ботони Опен 2026“, на кој учествуваа над 400 натпреварувачи од Македонија и регионот.
Настанот беше во знакот на спортот, дисциплината и младите таленти, а градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, упати честитки до организаторот Димитар Илиевски за успешната организација и придонесот кон развојот на каратето.
Костовски истакна дека боречките спортови имаат значајна улога не само во спортскиот развој на младите, туку и во нивното воспитување и градење карактер.
„Каратето, како и сите боречки спортови, е многу повеќе од натпревар и освојување медали. Тоа е дисциплина, почит, самоконтрола и правилно насочување на младите“, порача Костовски.
Тој нагласи дека Општина Бутел ќе продолжи да го поддржува спортот преку финансиска поддршка за спортските клубови, стипендии за младите спортисти и вложувања во спортската инфраструктура.
Според Костовски, целта е што повеќе деца да бидат активни во спортските сали, на терените и во спортските клубови, каде, како што посочи, се создаваат здрави навики, дисциплина и вистински вредности.
„Како градоначалник и како човек кој доаѓа од боречките спортови, силно верувам дека вложувањето во спортот е вложување во младите и во иднината на нашата општина“, истакна градоначалникот.
Од Општина Бутел порачуваат дека и во иднина ќе останат партнер на спортските клубови и младите спортисти, со цел создавање подобри услови за развој на спортот и нови спортски генерации.




