Во тек се разговори и консултации за парламентарно мнозинство и владина коалиција, но во интерес на разговорите, од СДСМ не објавуваат детали, изјави денеска портпаролот на партијта Костадин Костадинов.

„Мандатар за состав на новата Влада е Зоран Заев. Како што веќе соопштивме, во тек се разговори и консултации за парламентарно мнозинство и коалиција за полн, четиригодишен стабилен мандат. Во интерес на разговорите во овој момент не би можеле детали да изнесуваме“, истакна Костадинов, одговорајќи на новинарско прашање на денешната прес – конференција за тоа дали инистирањето на ДУИ за премиер Албанец е главен камен на сопнување во разговорите, дали има опција за ротирачки премиер и дали има предлог за друг мандатар освен Заев.

Костадинов исто така ја демантираше информацијата која на денешната прес-конференција ја кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски дека постои идеја за групирање во парламентот по етничка линија, зад што стои лидерот на СДСМ Заев, истакнувајќи дека неговата партија и Заев стојат зад концепрот „Едно општество за сите“.

„После овие избори се надевам ќе се стави крај на ентичките  партии, затоа што верувам дека една партија може да презентира програма за сите граѓани без разлика на етничката припадност“, рече Костадинов.