Под слоганот „Менуваме животи“, СОС Детско село одбележа 25 години постоење и работа во Македонија со јубилеен настан во Македонскиот народен театар, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Дваесет и пет години можат да се раскажат низ датуми, бројки и настани. Но вистинската приказна на СОС Детско село се раскажува низ животите што се промениле, децата кои добиле сигурност тогаш кога им била најпотребна, семејствата кои добиле поддршка да останат заедно и младите луѓе кои денес самостојно ја градат својата иднина.

Во изминатите 25 години, СОС Детско село промени повеќе од 6.090 животи.

Зад таа бројка не стои само статистика, туку илјадници лични приказни, различни почетоци, предизвици, успеси и нови можности.

„Домот не е само куќа ниту покрив над главата, туку место во кое ги учиме лекциите за блискост, припадност и доверба. За многу деца и млади, токму ваков дом беше, е и ќе биде СОС Детско село“, – порача претседателката Сиљановска-Давкова, честитајќи го јубилејот и нагласувајќи дека вложувањето во децата е вложување во нивната, но и во нашата заедничка иднина.

Денес СОС Детско село работи на превенција и зајакнување на семејствата, советување и поддршка на родители и деца, поддршка и развој на згрижувачките семејства, како и подготовка и поддршка на младите на патот кон самостоен живот. Во основата на сите овие услуги е една иста цел секое дете да расте во сигурна и поддржувачка средина и да добие вистинска можност да го развие својот потенцијал.

„Кога велиме дека низ овие 25 години сме поддржале повеќе од 6.090 животи, зборуваме за илјадници надежи, предизвици, успеси и нови почетоци.

Зад секоја од тие бројки има нечие име, нечие детство, нечија борба и нечија шанса животот да тргне во поинаква насока.

Тоа е вистинското значење на овие 25 години и тоа е нашиот најголем успех“, истакна Јулијана Накова Гапо, национална директорка на СОС Детско село.

СОС Детско село

Јубилејот беше и благодарност до сите оние кои низ годините ја граделе и поддржувале мисијата на СОС Детско село, згрижувачите и стручните тимови, институциите, компаниите, донаторите, партнерите, здруженијата, медиумите и пријателите на организацијата.

Јубилејната вечер ги стави во фокус и луѓето зад мисијата. Преку лични приказни, музика и сценски изведби, програмата покажа што значи поддршката кога ќе стигне во вистинскиот момент.

По 25 години, СОС Детско село со гордост гледа на изминатиот пат, но уште повеќе гледа напред, кон општество во кое секое дете ќе има сигурност, љубов, поддршка, чувство дека припаѓа и вистинска можност да верува во себе.

Затоа што понекогаш е доволен еден човек да направи разлика.

А кога цела заедница ќе одлучи да биде тука – МЕНУВАМЕ ЖИВОТИ.