Филозофијата на надеж е онаа што ги натерала партизаните да веруваат и да се борат за тоа во што веруваат и да ја создадат оваа држава исто како што ние денес говориме да создадеме нова иднина. Надежта на лекарите кои се борат храбро против пандемијата, на учителите кои го предаваат своето знаење на идните генерации, на земјоделците кои со труд го посеваат родот и чекаат принос за да нè прехранат. Надежта која се бори и не можат да ја уништат! Надежта на референдумот за независност и искрата во очите на секој наш граѓанин при прославата на самостојноста. И конечно, надежта на еден млад студент на Машински факултет со име Христијан, слаб, височок и со наочари, кој уште тогаш верувал и сега сè уште верува дека Македонија може и има сила да биде тоа што сите ние го сонуваме, рече Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Скопје.

И еве сум тука, додаде тој, полн со надеж!

„Надеж во лицето на тешкото! Надеж во лицето на проблемите! Надеж во лицето на неизвесноста“,кажа Мицкоски.

Според него ова е наша заедничка битка.

„Затоа што силата на надежта е нескршлива! Силата на надежта носи промени! Таа сила и таа надеж сте вие! Заедно кои сакаме да го живееме сонот на една подобра Македонија, во иднина која заедно ќе ја создаваме! Тоа е мојот сон. И јас верувам во него. Верувам дека ќе излеземе од овој вртлог на апатија и разочараност. Ќе дојде светол ден! Ви ветувам“, порача Мицкоски.

Мицкоски додаде дека ќе ја плати секоја цена за остварување на сонот кој што го сонуваат сите граѓани во Македонија.

„Од мене ќе видите подадена рака за соработка, затоа што ние сме многу малку во оваа земја. И не само што е жалосно да сме поделени и раскарани по разни основи, туку е и катастрофално штетно за иднината на државата. Иднина која мора заедно да ја создадеме. Ви должам вам, на народот на Македонија, и јас таа ваша доверба никогаш нема да ја изневерам“, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека покрај таа борба на индивидуализмот, постои едно нешто кое е многу важно за нас како држава. Сите граѓани меѓу себе се сите поврзани, затоа што нивната судбина е и негова судбина.

„Судбината на мојот сосед чие дете има проблеми и не може да се лечи заради проблеми во системот, е и моја судбина. Судбината на учителот во Битола кој има ниски примања и не може да си го издржува семејството е и моја судбина иако јас не го познавам него. Нашите судбини се испреплетени. Тоа мора да го разбереме сите. Болката на другите е и моја болка. Болката на луѓето кои загубија блиски во тетовската болница е и моја болка“, нагласи Мицкоски.

„Болката на земјоделците кои со насолзени очи и бес во себе велат дека не можат да си го продадат родот е и моја болка. Болката за ниските плати и разочарувањата кај луѓето кои ќе отидат во продавница со празен паричник е и мое разочарување. Ако има пензионер кој не може да си ги плати лековите заради малата пензија и треба да одбере дали да купи подарок на внучето или лекови за себе, тоа е моја болка и мој проблем, без разлика што тоа не се мои дедо и баба. Вашата битка е и моја битка“, појасни Мицкоски.

Тој истакна дека нема лева Македонија, нема десна Македонија, има една заедничка Македонија! Нема сдсмовска, вмровска Македонија, има само една заедничка  Македонија!

„Нема Македонија поделена по етничка или верска основа, не, туку таа е заедничка, една Македонија!Нема наша и нивна Македонија! Има една заедничка Македонија!Нема либерална, и конзервативна, прогресивна и назадна Македонија!Има една заедничка Македонија“, нагласи Мицкоски.