Со последниот предлог за промена на името за севкупна употреба вкучувајќи и промена на Уставот на Република Македонија, владата на Р.М. „изврши предавство на нацијата“ и се обидува сериозно да ја наруши независноста и суверенитетот на државата, ставајќи се во служба на силите кои вршат идентитетски, историски и културен геноцид на македонскиот народ, се наведува во денешната реакција на Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) со седиште во Вашингтон. Притоа се бара мобилизација на партиите за да се спречи референдумско изјаснување.
ОМД во соопштение за јавноста додава дека со аматеризам и полтронство, без трошка визија, самопочит и без никаква заложба за почитување на основните и универзални вредности за рамноправност, се прават обиди за уништување на вековниот идеал на Македонецот за сопствена држава создадена врз Крушевскиот Манифест и Асномската Декларација.
„Со своето полтронство и аматеризам, потпомогнати од невладини активисти со сомнителен кредибилитет, професионализам, етика и морал, финансирани од извори кои спроведуваат национални интереси на туѓи држави, сериозно ги загрозуваат угледот на Македонската држава, достоинство и иднина. Во овој момент, сите ние имаме историска одговорност, користејќи ги демократските средства, по мирен и разумен пат, по примерот на Ганди и Мандела и следејќи ги идеалите на Гоце Делчев, да го одбраниме тоа што е наше, за нас и нашите поколенија“, се наведува во соопштението.
ОМД ги повикува сите Македонци на зголемена активност, организирање мирни протести и јавни манифестации како начин на изразување на несогласност со деструктивните политики, а македонските медиуми на „транспарентност на националното незадоволство наместо лажирање на национален консензус во прилог на актуелните политики“.
„Ги повикуваме интелектуалците во државата да го поттикнат својот народ во одбрана на Уставот. Ги повикуваме македонските економски сили во Република Македонија и дијаспората да се организираат со финаниска поддршка кон одрбана на унитарноста, уставноста и идентитетот на државата. Повикуваме на соработка и формирање на координативно тело помеѓу партиски членови од сите македонски партии кои ќе работат за спречување на референдумско изјаснување, како би се спречило легитимизирање на уставните и идентитетски промени на Македонија“, побара денес ОМД.