Игор Јанев, професор во Белград, а порано вработен во македонското МНР, неодамна на интернет стави петиција за потпишување со предлог битката за името да се води во ОН, а таа е потпишана од неколку илјади луѓе.

„Постои решение за проблемот, а притоа нема потреба од промена на името“, вели Јанев, кој како експерт беше во тимот на поранешниот српски министер Вук Јеремиќ за прашањето за советодавното мислење на МСП на ОН за Косово.

Јанев укажува дека случајот со Ерусалим покажува дека поддршката во Советот за безбедност не е битна или пресудно релевеантна, однсно СБ не може да блокира, а тој донесува ургенција или препорака.

„Најбитно за нас е што треба да се прави разлика меѓу препорака и одлука на ОН. Резолуцијата 817 е само препорака и не е задолжителна за Генералното собрание на ОН. Препорака за прием никогаш нема безбедносен карактер, во спротивно кандидатот Македонија /ПЈРМ никогаш немаше да биде примен во ОН. Но, нашиве не прават разлика меѓу препорака и одлука и лаички сметаат дека Резолуцијата 817 е неопходно да се замени со нова резолуција, што е очигледно погрешно и претставува заблуда“, смета проф. Јанев.

Тој додава дека признавањето на името во ОН е единствен начин проблемот да се реши на достоинствен начин за Македонија, а дека секаков компромис од етичка и политича гледна точка е неозможен и неприфатлив, затоа што, според него, „достоинствено политичко решение со Грција не постои“.

Од сите овие причини Јанев ја изнесе преку интернетот петицијата кој е потпишана од речиси 10.000 лица, а со неа тој ја предлага следната процедурта: раскин на преговорите водени со медијација на Нимиц, кој потоа го известува генсекот на ОН за крај или траен прекин на преговорите, потоа Гутереш и Грција бараат итна седница на СБ кој ќе донесе резолуција, која е ургенција, што значи не е обврзувачка или ќе се донесе само претседателско соопштение во кое ќе се повикаат двете страни да ги продолжат преговорите. Но, ООН не можат да ја натераат Македонија да преговара за своето име, а Македонија потоа поднесува барање за дневен ред на ГС на ОН, предлогот по гласањето во Генералниот комитет составен од 20 држави поминува (со голема веројатност) и се става на гласање на ГС на ОН каде се одлучува со просто мнозинство за барањето за продолжување на челнствотот на земјата под нејзиното уставно име. Таа резолуција најверојатно ќе ја спонзорира Турција,а кога таа ќе се изгласа за Македонија прашањето со името во ОН е завршено, така што веќе немаме проблем со ОН ни со Грција.

Ова е патот кој веќе 20 години и можеби повеќе го предлага проф. Јанев, но и други авторитети. Зошто Македонија не се ни обиде да тргне по овој пат, туку влезе во политички преговори буквално „одејќи по ножот“ можеби ќе се дознае некогаш ако се отворат архивите за едно од најконтроверзните дипломатски прашања на 20. и 21. век.