На денешното одбележување 78 години од ослободувањето на Градот Скопје Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ одржа манифестација под мотото „Слободата не се подарува, се освојува“.

Жените потсетија дека на овој ден во 1944 година, 426 луѓе го положиле својот живот во Народно-ослободителната борба против фашизмот. Тие луѓе биле водени од една идеја и една мисла за слободно Скопје.
Можеби ќе ве интересира

– Денеска на овој настан ќе ги спомнеме сите 426 имиња на луѓето кои го положиле својот живот и загинале, за ние да живееме слободно во Скопје. Ќе оддадеме почит со положување свежо цвеќе и делење цвеќе на случајни минувачи како што тоа се случувало кога парадирале откако го ослободиле Скопје. Меѓу тие 500-тини луѓе кои учествувале во борбата за ослободување на Скопје, учествувале стотина жени од кои што 8 загинале. Читајќи ги сеќавањата на тие жени, во сеќавање ми остана еден впечаток на една жена која што учествувала во борбата за ослободување на Скопје по име Пенка Кралевска. Некаде во 2015 година имаше една статија во која што таа објаснуваше дека се чувствувала како најгордата скопјанка бидејќи токму таа го ставила знамето на врвот на Офицерскиот дом кога го ослободиле Скопје. Тие имале причина да бидат горди. За жал, ние сме сведоци дека сега на Република Македонија ова што ѝ се случува е погазување на нивната жртва и непочитување кон нив – рече денеска претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска.

Таа потсети на донесувањето на законот за здруженија и фондации изгласан со мнозинство од 83 пратеници, за кој, како што рече, министерот за надворешни работи Бујар Османи се дрзна да каже дека ќе го даде на Венецијанска комисија.

– Ние не се плашиме од мислењето на Венецијанската комисија, но сакам да го потсетам Османи дека кога Собранието носи закон со мнозинство гласови, тоа треба да го спроведе владата без приговор. Ние се сеќаваме во минатото кога имаше закони за кои што имаше забелешки од Венецијанската комисија, но тие забелешки не им беа важни. Тоа се тие двојни аршини на оваа власт. Ќе правел списоци кои празници ќе сме ги славеле заедно со Бугарија, наместо да одговори на онаа брутална реторика која што ја има Бугарија кон нас. Како министер за надворешни работи вели дека ќе правел списоци, како да си прави списоци или да си бира слава која што ќе ја слави дома – рече Пешевска.