Врз основа на истражувањето, 73 проценти од граѓаните изјавиле дека немаат прележано Ковид 19, односно 73 отсто од анкетираните рекле дека ниту тие ниту некој од нивното семејство не го прележале вирусот (анкетата се однесува на периодот до средината на март).
Овие податоци се спротивни од тие на експертите.
Така, пред неколку дена д-р Пановски, за ТВ Алфа изјави дека околу 60 отсто од граѓаните во Македонија веќе постигнаа колективен имунитет поради природното заразување, а не поради вакцините:
– Со оглед на тоа што мерките беа доцна донесени, многу голем дел од населението доби контакт со вирусот, некој го поминаа без симптоми некои не знаеја дека го имаа и некои завршија во болница. Според сите проценки, околу 60 проценти го имаат прележано вирусот и повеќето по природен пат, и за жал доста скапо го плативме тој природен имунитет имајќи ги предвид жртвите и пост ковид синдромите – вели Пановски.Тој рече дека добар дел од населението веќе е имуно на пандемијата, но дека и топлото време има влијание за намалување на бројките.
И според денешната изјава на д-р Даниловски за Канал 5, во Македонија веќе е постигнат 60-отстотен имунитет:
„Светлината на крајот на тунелот станува се посилна затоа што оној т.н.. ефективен репродукциски број се движи околу 0,5. Тоа значи дека 10 заразени, болни, можат да заразат само петмина. Тоа значи дека неизбежно се случува стивнување, спласнување на епидемиското ширење. Од друга страна, колективниот имунитет сигурно е веќе некаде преку 60 отсто, можеби и некаде 65 проценти. Исто така, просечната стапка на позитивни тестови конечно падна под три отсто, и нешто што е многу битно, ткн. 14 дневна просечна инциденција, значи просечен број нови случаи, вчера е веќе 55 нови случаи на 100.000 жители, тоа е некаде 11,3 отсто помалку од претходниот ден кога имавме 62. Бројот на починати опаѓа, иако смртноста е уште висока. Бројот на хоспитализации опаѓа, значи се релаксира здравствениот систем. Е сега ако се појави од некаде индискиот мутант, веројатно ќе се влоши малку состојбата, но дури наесен, но не можеме да очекуваме висок бран, едноставно заради стекнатиот колективен имунитет“, рече д-р Даниловски.