Резултатите од изборите по пребројани 99,86 отсто од гласовите, распоредот на силите во Парламентот и пратениците што беа избрани по вчерашното гласање на Грците, службениот министер за внатрешни работи на Грција, Андонис Рупакиотис ги достави до претседателот на Парламентот, Никос Вуцис, јави МИА од Атина.

-Врз основа на овој резултат со пребројани 99,86 отсто од гласовите, цврсти и апсолутни се: прво, распоредот на силите на партиите. Второ, пратеничките места што ги добива секоја партија, што значи дека ништо не се менува. Единствено останува дека се уште се пребројуваат гласовите за кандидатите за пратеници и таму се менува редоследот. Ова ќе заврши утрово или во текот на денот, му објасни Рупакиотис на Вуцис.

Службениот МВР на Грција го извести Вуцис и за инцидентот во атинската населба Ексархија, каде што четири маскирани лица украдоа гласачка кутија. Рече дека ист случај имало и за време на изборите во 2012 година, објаснувајќи дека прегласување во конкретното гласачко место ќе има следната недела, но тоа нема да влијае ниту на распоредот на силите, ниту на изборот на пратеници.

Следен чекор е претседателот на Парламентот да го извести Претседателот на Грција за резултатите од изборите, по што Павлопулос ќе му го даде мандатот на лидерот на Нова демократија да формира влада.

Кирјакос Мицотакис, во 13 часот по локално време ќе положи свечена заклетва во претседателската палата.

Павлопулос му даде мандат на Мицотакис за влада

Лидерот на Нова демократија, партијата победник на вчерашните избори, од Претседателот на Грција го доби мандатот за формирање влада.

– Претседателот на државата, господинот Прокопис Павлопулос по средбата со Претседателот на Парламентот, господинот Никос Вуцис и соопштувањето од негова страна на распоредот на силите на партиите во Парламентот врз основа на резултатите од изборите на 7 јули, телефонски разговараше со Претседателот на Нова демократија, господинот Кирјакос Мицотакис и му го додели мандатот за формирање влада според член 37, параграф 2 од Уставот, соопштуваат од кабинетот на Претседателот на Грција.