Коле Манев
Шармерот Димитров, за случувањата околу мајтапењето на двајцата руски шегаџии, понудено кон нашиот секогаш ,,искрен“ отворен и чесен верник Зоран Заев, не подучува дека такви нешта ќе се случуваат и понатаму бидејќи сега живееме во дваесет и првиот век, поточно во 2019 година. Тоа што шармерот заборава е дека во шегите секогаш се сместени големи вистини, трагични, помалку драматични или весели и со шегите се раскажуват драматични појави на елегантен, на суптилен начин за да бидат полесно прифатени од рајата. Токму затоа шегите се толку популарни.
Во случајот со руските шегаџии се открива нешто што, ем е шегобијно, ем е крајно драматично. Шегаџиите си ја вршат својата работа, шегата, но нашиот премиер си го открива сето негово, да не речам патолошко, туку хазардно, неодговорно и хаотично однесување, нешто што не би требало да биде дел од однесувањето на ниту еден разумен политичар. Во разговорите, руските шегаџии лажно се претставуват како Порошенко и Столтенберг, а за разлика од нив Заев е убеден и верува дека од другата страна на телефонската линија се токму претседателот на Украина (сега поранашен) и генералниот секретар на НАТО и искрено се однесува како да разговара со еден од нив. Тоа значи дека Заев води сериозен политички разговор, се соголува целиот пред нив, им кажува, ги информира за се што ќе посакат. „Продава“ телефонски броеви, кодоши други политички личности, замислете Заев исто како ,,едно евро за Вицето“ се нуди да го поткупи за 100 000 евра патријархот Вартоломеј! Во шеголетката Заев не се шегува, тој ја игра сопствената параноична и драматична улога, претставувајќи се како крајно несериозен и валкан политичар. Во содржината на шегобијниот разговор со двајцата руски хумористи, може да се чујат секакви будалаштини изречени од нашиот ,,верен“ премиер Заев.
Мене впечаток ми остави кога Заев на Столтенберг му го нуди полигонот Криволак и тоа ,,гратис“, демек за ич пари. Во разговорот Заев се однесува како да е сопственик на целата земја и може да ја распарчува и продава кому сака.
Сигурно и шармерот Димитров истото го посакува, во дует со Заев да ја продадат земјата, историјата, јазикот, од сето тоа да направат ,,македонска салата“ за тие да останат што е можно подолго на власт. И по откривањето на шегата, Заев е убеден дека го сместиле во добро друштво заедно со Емануел Макрон, Меркел, Ердоган или Борис Џонсон. Точно е тоа дека многу шегаџии разговараат со политички личности за да го збогатат нивниот шегобиен репертоар. Но никој од спомнатите политички личности не се осудил во било каков разговор да спомене поткуп и продажба ,,гратис“ на дел од територијата од државата во која тие владеат. Додека Заев е во црква, пали свеќа ,,искрено“ се помолува на Бога, кога излегува од божјиот храм, ја симнува мантијата на ,,искрен“ верник, за потоа надвор да ја облече мантијата на политички кодош и измимник. Тоа е нашата судбина со Зоран Заев, па и со шармерот Димитров. Дај Боже, сето ова да трае што е можно по кратко.