Откако денеска беа приведени Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и Зоран Милевски познат како Зоки Кичеец, Јавното обвинителство на прес-конференција соопшти дека тие се осомничени за примање награда за противзаконито влијание. Едниот од нив пак, се товари за уште едно дело – перење пари, известува „Република“ по одржаниот прес во ЈО.
Обвинителството не беше многу отворено за одговарање на новинарски прашања, пишува „Република“, но според она што можеше да се слушне, се работи за истрага која започнала на почетокот на мај годинава. Предистрагата открива дека во периодот од април 2018 до април 2019 година приведените барале рекет од бизнисмен. Притоа користеле име на извесен јавен обвинител, но името идентитетот на истиот обвинителството не го откри. Ниту откри дали обвинителот е од редот на обвинители во ЈО или во СЈО.
Двајцата осомничени од бизнисменот барале 8 милиони евра. Добиле 1,5 милиони евра во неколку наврати. За да продолжат да му помагаат било договорено да примат уште 5 милиони евра како награда. Доколку постапката не се запре, тогаш во насока на изнаоѓање олеснителни околности, сведокот требало да исплати 5 милиони евра, со тоа што веќе дадените еден милион евра, во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4 милиони евра било договорено да се исплаќаат на рати. Откако осомничените се посомневале во доверливоста на средбите и можноста за откривање на кривично правниот настан, повеќе не остварувале средби со сведокот во таа насока.
„Обвинителството од втори мај 2019 година против две лица водеше предистражна постапка, при која се собрани материјални и вербални докази. Од ноември 2018 до месец април 2019 година првоосомничениот искористувајќи го своето влијание врз јавен обвинител влијаел да се изврши дејствие со кое во истражна постапка ќе се олесни положбата на едно осомничено лице во таа постапка, а второосомничениот придонел со тоа што договарал континуирани средби и воспоставувал меѓусебен контакт меѓу првоосмничениот и осомничениот во таа постапка и лично со осомничениот. Осомничените ги увериле сведоците во влијанието и прјателството на првоосомничениот врз јавниот обвинител и за посредувањето во два наврати примиле еден милион и петстотини илјади евра. Средбите со бизнисменот се одржувале на повеќе места, во домот на сведоците, но и во домот на провосомничениот“, изјави обвинителката од Јавното обвинителство за борба против организиран криминал, Вилма Рускоска.