Едногласно била донесена денеска Декларација со која се дава поддршка на највисокото раководство на СДСМ, но и останатите институции да продолжат со бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата и за јакнење на правната држава, изјави денеска генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски по завршување на седницата.
-Последните случувања покажуваат дека постои целосна заштита и нов механизам, кој функционира на релација граѓани-обвинителство-МВР, кој може да се справи со криминал и корупција, нагласи Николовски, додавајќи дека сите се еднакви пред законот.
Нагласува дека ЦО го реафирмирал ставот дека СДСМ како одговорна партија нема да дозоволи закочување на реформите, напредокот и правдата, како што прават Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањата дали има сознанија кои се Кики и Фрики, за кои се тврди дека се високи функционери од СДСМ вмешани во „Рекетот“ на Бојан Јовановски и Зоран Милески, Николовски избегна да даде директен одговор нагласувајќи дека ЦО донел декларација, која застанала во одбрана на функционирањето на правната држава и правниот систем.
На прашањето дали Кики и Фрики биле присутни на седницата, Николовски одговори дека присустувале голем број членови на ЦО – пратеници, градоначалници и додаде дека сите биле едногласни во бескомпромисната борба против корупцијата и организираниот криминал.
Запрашан дали високи функционери на СДСМ се вмешани во „Рекет“ Николовски нагласи дека партиската припадност никого не амнестира од криминал.
-За разлика од многу други, кои ги блокираат институциите и се борат против правдата и не сакаат да дојдат на преговарачката маса само заради криминалот, ние целосно се бориме против нив, рече Николовски, додавајќи дека кој било граѓанин може да е вмешан во нешто, а институциите треба да дејствуваат за секого, без разлика дали е член на политичка партија.
За тоа како ќе постапат доколку Христијан Мицкоски не дојде на утрешната лидерска средба и како ќе обезбедат двотретинско мнозинство за законот за Јавното обвинителство, Николовски порача да се почека утрешниот ден да се види исходот.
-Да го почекаме утрешниот ден, да видиме дали тоа ќе се случи, да не дојде. Секако оваа држава има одговорност да бара инструменти да функционираат интитуциите и законите, секој поединец има политичка одогорност, уште повеќе пратениците имаат обврска во рамки на овој систем да обезбедат поддршка на правдата и на функционирање на институциите во тој поглед, додаде Николовски.
На денешниот Централен одбор е заокружен процесот на промени во партијата со комплетирање на првите луѓе во партиските комисии. Снежана Калевска Ванчева е назначена за нов кординатор на Форумот на жени на СДСМ.