Во угостителскиот објект, кафе-барот „Кафе ин“ во строгиот центар на Прилеп ноќеска во 23,10 часот е пронајдена бомба која, според полицијата била школска и немала експлозивно полнење.
Полицијата го обезбедуваше просторот околу кафе-барот и се чекаше единица од МВР да ја отстрани бомбата.
-Веднаш се преземени соодветни мерки и школската бомба е подигната од местото. Нема повредени лица, ниту материјална штета. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информира Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.
Просторот во центарот на градот беше под силно полициско обезбедување. Ова беше на околу 300 метра оддалеченост од главната бина каде се одржуваше концертот на српската фолк-пејачка Светлана Ражњатовиќ-Цеца во рамките на втората вечер на „Пивофест“ кога имаше бројни посетители. И воопшто, во централното подрачје, на штандовите имаше многу посетители и гости.
Ова е вторпат за десетина дена пред истиот кафе-бар во центарот на градот да биде поставена рачна бомба. На 10 јуни околу пладне беше пронајдена рачна бомба пред истиот кафе-бар, „Кафе ин“ за која се констатира дека е „кашикара“, наполнета и активирана, но не експлодираше. За тој случај сѐ уште се води истрага.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп изврши увид во кафе бар „Кафе Ин” во Прилеп каде вчера околу 23:30 часот во саксија за цвеќе беше пронајден предмет, налик на бомба.
-Во присуство на припадници од Одделот за антитерористичка заштита, првично е утврдено дека предметот е бомба што по наредба на јавен обвинител е подигната, обезбедена и испратена на вештачење. Истовремено, издадени се насоки и наредби за целосно расчистување на настанот, соопшти денеска Јавното обвинителство на Македонија.