Процесот на интеграција во ЕУ како алатка за притисок и поддршка за брендот „Македонија“ се двете точки на кои ќе се фокусира грчката Влада за да ги ублажи негативните последици од Договорот од Преспа, изјави грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис при неговото синоќешно обраќање во Парламентот, кусо пред неговиот владин Кабинет да добие доверба од пратениците, јави МИА од Атина.
– Од овде од говорницата кажав дека Договорот од Преспа беше лош и штетен договор. Но, од овде предупредив дека штом еднаш се ратификува, не се менува еднострано. Неопходно е да се бориме за да ги ублажиме негативните последици користејќи го како алатка за притисок процесот на интеграција на Скопје во Европската Унија. Поддржувајќи ги македонските производи, кои вие ги оставивте на нивната судбина и спроведување голема светска комуникациска кампања за автентичната грчката Македонија. Ова го кажав и ќе го сторам тоа. И ако господине Ципрас не сакате да дадете поддршка, бидејќи сметате дека договорот што го потпишавте е толку важен, сами ќе го сториме тоа, рече Мицотакис.
Грчкиот премиер во неговиот говор им се обрати на пратениците велејќи дека во Парламентот се слушнала „критика во врска со Договорот од Преспа и наводна промена на позицијата“ и порача дека треба да се навикнат дека „од сега па натаму ќе има доследност меѓу предизборните говори и постизборните дела“.