Се преземаат управни постапки против охридскиот советник Нефи Хусеини, одговори премиерот Зоран Заев денеска на новинарско прашање, зошто му се дозволува на советникот такво самоволие, напад врз универзитетски професор и што ќе се преземе со оглед на коалицијата на власта со партијата на овој советник на локално ниво.
– Без разлика за кој се работи, од кој сака нека е ако се огрешил по закон, законите важат еднакво за сите, изјави Заев, по денешната посета на новиот Ургентен центар во Куманово.
Тој информира дека општина Охрид веќе издала решение за отстранување на неговата дивоградба, и се очекува извршувањето да почне.
– Ако немаат храброст, ако немаат можност, ако не можат тоа да го завршат согласно законот, се одземаат ингеренциите и Владата ќе постапи. Јас ве уверувам дека дивоградбата ќе се отстрани. Секако, ако има физички напад, МВР отвара истрага, и секој ќе си одговара, ако направи физички напад никој нема да биде заштитен. Јас не сакам да судам по делот на документации за дивоградби, по делот за вина за напад, тоа се истрагите кои ќе се водат и тие ќе го покажат тоа, рече Заев.
Уверува дека предрасуди и резерви нема да има кон никој.
– Тие што се учесници во политичкиот живот, претставници на политички партии, па уште ако се претставници на владејачките партии треба да бидат пример и да го почитуваат законот, нагласи премиерот Заев во Куманово.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, пак, денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали ДУИ ќе преземе мерки против Усеини, кој со неговите постапки го руши имиџот на партијата, информира дека имаат комуникација за да видат за што поточно се работи. Сепак, нагласува дека нема потреба да се партизира и политизира. Секој, подвлече, си носи одговорност за постапките и ДУИ нема да поддржи или заштити никој доколку го има прекршено законот.
– Одговорот од таму беше дека доколку се почне со неселективно рушење на дивоградбите, ќе го цитирам: ќе ја имаме честа да почнеме од него со рушењето. Неселективниот пристап е најважен и обидот да се партизира или политизира еден погрешен пристап на одредени бизниси или пак луѓе во текот на изградбите, појасни Османи и посочи дека токму ДУИ била предлагач на законот со кој се воспоставија строги правила во однос на дивоградбите.
За во делот на дивоградбите, Османи повика да се почне со неселективно уривање на сите дивоградби, не само во Охрид, како најсензитивно подрачје и заради УНЕСКО, туку низ целата држава.
– Пред законот сите ние сме со име и презиме, не сме претставници на ниту една политичкја партија, ниту на заедниците, туку со име и презиме, дали почитуваме или не закони. Доколку некој го прекршил законот треба да се делува и ДУИ нема да заштити никој. Мислам дека не треба да има предрасуди врз основа на локални политички борби таму, кои тука во Скопје се пренесуваат во разни форми. ДУИ ќе ги анализира информациите за да се види вистината за овие случувања и ако има прекршувања ДУИ ќе го сочува својот имиџ и својот став во однос на почитување на законите, рече Османи.