Руското Министерство за одбрана соопшти денеска дека пожарот во складиштето за муниција во воена база во областа Ачинск е угаснат.

„Пожарот во складиштето за муниција во централниот воен округ во областа Ачинск во регионот Краснојарск е целосно изгаснат. Муницијата престана да експлодира околу 5 часот наутро во Москва”, се вели во соопштението на Министерството.

Според првичните наоди, човечка грешка е причина за пожарот, по кој следуваа повеќечасовни експлозии.

Дванаесет лица се хоспитализирани откако по пожарот, серија експлозии избувнаа во складиште со оружје во руска воена база во Сибир, предизвикувајќи масовна евакуација на жителите во радиус од 20 километри.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека испратило 14 роботи со далечинско управување за да помогнат во борбата против пожарот во територијата на воената база. Локалните власти во областа Ачинск соопштија дека 11.000 луѓе биле евакуирани од населбите во околината.

Експлозиите на муниција траеја околу 10 часа, кои избувнаа откако пожар изби на две места, каде се чуваат 40.000 куршуми.