ЖКК „Бадел 1862“ од Кисела Вода в петок (30 август) е домаќин на женскиот кошаркарски клуб „POST SV Nirnberg“.
Пријателскиот натпревар ќе се одигра во спортската сала „Независна Македонија“ со почеток од 11 часот.
– Ова е возвратна посета од страна на кошаркарките од Нирнберг, по престојот на нашите девојки на гости кај нив, минатата година, кога воспоставивме одлични односи помеѓу двата клуба. За време на престојот на германскиот тим во Скопје, ќе се реализира богата програма. Девојките заеднички ќе тренираат, ќе разменуваат искуства, а ние како домаќини ќе им овозможиме и културно историски разглед на нашиот град, соопшти клубот од Кисела Вода.
Во рамки на долгогодишната соработка на збратимените градови, Нирнберг и Скопје, денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов ќе се сретне со кошаркарките на клубовите од Германија и Македонија.
Девојките од двата клуба првиот заеднички тренинг го одржаа во Кисела Вода. Следниве денови тие ќе тренираат на планината Водно, ќе го посетат кањонот Матка, а планирано е во Скопје да проследат и дел од натпреварите на Европското првенство во женска кошарка, А дивизија, за девојки под 16 години.