Утрешниот фудбалски спектакл од фудбалскиот куп на Македонија на кој силите ќе ги одмерат екипите на ФК „Каменица Саса“ и скопски Вардар, домашната екипа одлучи да му го посвети на фудбалерот на ФК „Беласица“, Томе Јанев. Со цел да се помогне лекувањето на овој млад човек и спортист, за време на натпреварот на градскиот стадион во Македонска Каменица ќе биде поставен штанд за донации, на кој како што информираат од клубот, секој навивач, фудбалски работник и пред се човек, ќе може да донира и да го помогне неговото понатамошно лекување.
-Ова е наша, првична поддршка за Томе, а во наредниот период ќе ги разгледаме сите можни варијанти, како да му помогнеме на Томе да си го врати здравјето. После натпреварот ќе биде направен записник за собраните средства, a во изработката на истиот ќе може да присуствува било кој навивач или спортски работник и истиот ќе го изработиме на самите трибини во Македонска Каменица, велат од ФК „Каменица-Саса“.
Томе Јанев боледува од амиотрофична латерална склероза и за лекување во наредните три години, како што објаснија неговите колеги од Македонска Каменица, му се потребни 160 илјади евра.
-Среќен сум што во разговорите со Томе Јанев го слушаме оној фудбалскиот инает и зборовите дека нема откажување, се до конечна победа над болеста, со што сакаме да ја дадеме целата наша поддршка, во таа борба, нашиот колега да издржи, додаваат од „Каменица-Саса“
Досега, преку донации за помош на Јанев се собрани околу 12 илјади евра, а акцијата за помош покрај на социјалните мрежи, продолжува и понатаму на телефонските броеви 143-454 на мрежата на Телеком и 143-502 на ВИП мрежата.