Советот на јавни обвинители утре ќе ја донесе одлуката за тоа дали ќе ја почне постапката за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поради нестручно и несовесно работење.
Јанева во моментов е во притвор за предметот „Рекет“ на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.
Седницата на Советот вчера траеше речиси осум часа, по што претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев изјави дека тој и останатите членови на Советот успеале единствено да ги разгледаат списите, огромен број материјали кои до нив биле доставени во однос на истрагата за случајот „Рекет“. Најави дека со работа ќе продолжат в четврток во 10 или 10.30 часот кога, како што рече, очекува да биде донесена одлука дали тие ќе ја почнат постапката за разрешување на Катица Јанева.
Штериев изјави дека седницата на Советот траела невообичаено долго поради тоа што првпат се соочуваат со една ваква ситуација во која на шеф на Јавно обвинителство му е определена мерка притвор. Не сакаше да открие дали по однос на ова прашање има спротивставени мислења и ставови меѓу членовите на Советот на јавни обвинители.
Обвинителката Вилма Рускоска вчера по состанокот во Советот на јавни обвинители каде беше неколку часа и одговараше на прашањата на членовите за постапката на разрешување на Јанева, изјави дека Обвинителството знае каде се дел од парите од „Рекет“. Посочи дека се уште се работи на финансиската истрага и оти за дел од парите знат каде се, а за дел работат на тоа.
Рускоска рече дека не знае дали се подготвува барање за Јанева да излезе од притвор поради многу нарушено здравје и потврди дека се уште трае истрагата за документот со исказот на Камчев кој излезе во јавност.
Обвинителката Рускоска изјави дека Бојан Јовановски ќе биде повикан да даде исказ во ОЈО за случајот „Рекет“ кога таа ќе оцени дека треба.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја осомничи Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување и му овозможила на осомничениот Орце Камчев, да излезе од притвор и да добие времен пасош во предметот „Империја“.